(Видео) Скопјани жедни за директна демократија


Субвенционирани стерилизации и кастрации на миленици со сопственици и маалски миленици, пристапна инфраструктура за лицата што се движат на тркала и пренамена на комплексот фабрики „Купрум“ во студентски град се првите три најгласани предлози кои вкупно добија речиси 1.000 гласови на платформата „МојГрад“

– Има уште дваесет и четири часа до 71-та седница на Советот на Град Скопје. Корисниците на платформата МојГрад ги изгласаа трите најпопуларни предлози за подобрување на урбаното живеење во градот. Најмногу поддршка доби предлогот на Снежана Дичевска за субвенции за стерилизација и кастрација на миленици со сопственици и/или маалски миленици, за кој гласаа 579 граѓани. Вкупно 168 гласа доби второпласираниот предлог на Ирена Жерновска за пристапни улици и тротоари за лицата со хендикеп, а водечката тројка ја заокружи предлогот на Кристијан Караџовски за трансформација на руинираниот индустриски комплекс „Купрум“ во студентски град. Овој проект доби 128 гласа, со што на последниот ден од гласањето за само еден глас го надмина предлогот за отстранување на хаварисаните возила во Скопје – информираат од иницијативата.

Во согласност со оригиналната замисла на партиципативната платформа, трите предлози сега влегуваат во институционалните процедури, преку советничката Драгана Велковска. Заедно со авторот на платформата Горјан Јовановски, двајцата претставници на граѓанската коалиција ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, под чија капа функционира МојГрад, очекуваат градските власти да покажат слух за потребите на скопјани и да ги одобрат трите предлози.

За само десет дена од лансирањето, на платформата ѝ пристапија над 4.000 посетители и има повеќе од илјада регистрирани корисници, кои поднесоа вкупно 28 предлози и дадоа повеќе од 1.500 гласови. Целта на МојГрад е да промовира поинаков начин на одлучување за градските политики, преку враќање на моќта директно во рацете на жителите на Скопје, наместо кај партиските функционери.