(Видео) Што му порачаа граѓаните на Митески сред Вардариште?


Утрово,заедно со в.д. градоначалникот на Аеродром Дејан Митески, повеќемина граѓани, кои секојдневно протестираат и ја блокираат крстосницата пред мостот „Киро Глигоров“ во Аеродром, имаа обид за посета на Вардариште бидејќи не беше обезбедена дозвола од негова страна.

Фото: Б. Грданоски

– Тоа малку што имавме шанса да го видиме не беше задоволително и затоа во понеделник од 7:30 часот сабајле ги повикуваме сите одговорни институции да дојдат на дискусија и пресконференција за трајно решавање на проблемот со Вардариште – велат од „Стоп за Вардариште“.

Граѓаните го задолжија в.д. градоначалникот на Аеродром и кандидат на претстојните избори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митевски, да ги повика сите засегнати институции, Општина Аеродром, Општина Гази Баба, Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање, МВР, Министерството за социјална политика демографија и млади, на блокадата во понеделник наутро во 7.30, за заеднички да се изнајдат решенија за депонијата Вардариште.

Претставници од институциите:
– претседателката на Македонија
– Владата на Македонија
– Министерство за животна средина и просторно планирање
– Министерство за внатрешни работи
– Министерство за социјални политики, демографија и млади
– Град Скопје
– Општина Гази Баба
– Општина Аеродром
– ЈП Комунална Хигиена

Од иницијативата „Стоп за Вардариште“ ги повикуваат сите овие институции, да им се приклучат во понеделник (29.09.2025) изутрина во 7:30 часот наутро на крстосницата пред мостот познат како „Близнак“ или „Киро Глигоров“ (во близина на парк „Авионче“ во Ново Лисиче), на прес-конференција и средба во однос на депонијата Вардариште.

„Утрово, по покана на В.Д. Градоначалникот на о. Аеродром се обидовме да ја посетиме депонијата Вардариште, но добивме објаснување дека немаме соодветна дозвола да направиме увид во самата депонија која ја обезбедува полицијата. Го изразивме нашето разочарување што немало поголема соработка меѓу институциите за да ни се обезбеди дозвола за посета по 26 дена протест, особено што посетата се случи на покана на самиот градоначалник како претставник на институциите. Порачавме дека партиските несогласувања и пресметки не треба да бидат причина за дисфункционални институции. Институциите мора да комуницираат и да се координираат без разлика на тоа од која партија доаѓаат функционерите“, порачуваат од иницијативата.

Токму таа некомуникација меѓу институциите е причина поради која свикуваат средба на која се надеваат дека ќе дојдат сите надлежни, да дискутираат и претстават пред граѓаните и медумите кои конкретни чекори ќе се преземат за решавање на проблемот со Вардариште

„При обидот за посета, однадвор, видовме противпожарно возило и полициско присуство што обезбедува, но само од страната на ЈП Лајка, а на другиот крај, од каде што исто така може било кој да пристапува, немаше распоредено единици, но имаше купишта железен отпад. Депонијата нема ограда и видовме само една единствена рампа од страната на ЈП Лајка. Во моментот на нашето пристигнување немаше дрон кој надлетуваше, но по десетина минути забележавме едно вертикално подигање и спуштање на дрон“, велат од Стоп за Вардариште.

Ги повикаа во понеделник јавно да  ги презентираат конкретните мерки за Вардариште кои ќе бидат преземени веднаш, а не после локалните избори.

Стоп за Вардариште! Стоп за дивите депонии и загадувањето на воздухот!