(Видео) САД уништија 16 ирански бродови за поставување мини во близина на Ормускиот Теснец
Централната команда на вооружените сили на САД (СЕНТКОМ) соопшти дека американските сили уништиле 16 ирански пловни објекти наменети за поставување мини во близина на стратешки важниот Ормуски Теснец.
Акцијата е извршена вчера, откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Техеран со сериозни воени последици доколку се одлучи да го минира клучниот коридор за транспорт на нафта и гас.
„Американските сили уништија неколку ирански бродови, вклучително и 16 минополагачи во близина на Ормускиот Проток“, објави СЕНТКОМ на социјалната мрежа „Икс“.
U.S. forces eliminated multiple Iranian naval vessels, March 10, including 16 minelayers near the Strait of Hormuz. pic.twitter.com/371unKYiJs
— U.S. Central Command (@CENTCOM) March 10, 2026
Претходно, Трамп предупреди дека доколку се потврдат извештаите за иранските активности за минирање на протокот, ќе следува жесток одговор. „Ако од која било причина бидат поставени мини и тие не бидат веднаш отстранети, воените последици за Иран ќе бидат на невидено ниво“, напиша тој на својата платформа „Трут соушл“ (Truth Social), иако додаде дека засега нема независна потврда дека преминот е веќе миниран.
Според извори на Си-Ен-Ен, Иран во изминатите денови наводно поставил десетина мини во стратешките води. Експертите предупредуваат дека иако дел од флотата е уништен, Техеран сè уште располага со капацитети за поставување стотици мини долж бродските рути. Ормускиот Теснец, широк околу 55 километри, се смета за една од најкритичните точки во светот за снабдување со енергенси.