(Видео) Пукна цевка во Влае, половина Скопје без вода

Една од главните водоводни цевки вечерва пукна во населбата Влае. Порталот „24news.mk“, објави видео на кое се гледа дека е поплавена цела улица, а како што јавува порталот, водата навлегува во дворови и во подруми од куќи.
Во меѓувреме, жители јавуваат дека нема вода во Хром, Ѓорче, Влае, Карпош… додека во Центар и Аеродром значително е намален притисокот.
Вечерва околу 20 часот во скопската населба Влае пукна една од главните водоводни цевки со пречник од 600 милиметри, предизвикувајќи голема поплава на неколку улици и сериозни проблеми во водоснабдувањето на поширокиот дел од градот. Според првичните информации, дефектот се случил на улицата „Франце Прешерн“, во близина на бројот 100Д.
Поплавата зафати дел од дворовите и подрумите на околните куќи, а на социјалните мрежи се појавија снимки од надојдена вода.
Поради дефектот, со целосен прекин на водоснабдувањето се погодени делови од Влае, Козле, Карпош 3 и 4, како и населбата Злокуќани. Останатиот дел од градот е со значително намален притисок, информираат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Ве известуваме дека на ден 05.10.2025 г. поради сериозен дефект на водоводна цевка Ф600мм.на улица „Франце Прешерн“ 100Д во Влае со прекинато водоснабдување ќе биде голем дел од гадот, а останатот дел од градот ке биде со намален притисок.Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности“, стои во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.