(Видео) Повторно во тек е потрагата по луѓе под урнатините во Турција


По двата нови силни земјотреси што ги погодија Турција и Сирија во понеделникот вечерта и во кои загинаа најмалку 11 лица, а уште 18 други се во критична состојба, спасувачките служби повторно трагаат по луѓето затрупани во урнатините.

Двата нови земјотреса со јачина од 6,4 и 5,8 се регистрирани во понеделникот вечерта во југоисточна Турција во близина на границата со Сирија, каде силните земјотреси на 6-ти февруари ги уништија двете земји и однесоа повеќе од 41.000 животи во Турција и 6.000 во соседна Сирија.

Според локалните медиуми, во новите земјотреси во Турција и Сирија загинале најмалку 11 лица.

Првиот удар со јачина од 6,4 степени со епицентар во Дефне, област на околу петнаесет минути возење од Антакија, се случи во 20:04 часот (18:04 часот по средноевропско време) и беше силно почувствуван од новинарските екипи во Антакија и во Адана, околу двеста километри на север, објави турската агенција за спасување AFAD.

Три минути подоцна, уште еден земјотрес со јачина од 5,8 степени се случи во Самандаг, град на брегот, јужно од Антакија, објави AFAD.

Почвата се затресе и во околината на Алепо, во северозападна Сирија. Се урнаа зградите дополнително ослабени од новите потреси.

Тројца од загинатите се од Антакија, Дефне и Самандаг, изјави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Тој ги предупреди луѓето да не влегуваат во потенцијално опасни згради и други објекти.

 

Според него, досега се повредени 213.

Извештаите од Анаткија зборуваат за страв и паника на улиците и брза помош и спасувачи кои брзаат кон најпогодените делови на градот, додека ѕидовите на тешко оштетените згради и куќи се уриваат.

„Мислев дека земјата ќе ми се отвори под моите нозе“, вели расплакана жителка на градот Муна ал Омар додека го држела својот седумгодишен син. Таа била во шатор во парк во центарот на градот кога се случиле новите земјотреси.

Осумнаесетгодишниот Али Мазлум ги барал телата на членовите на семејството исчезнати во претходните земјотреси во времето на новите земјотреси.

„Не знаете што да правите (…) само се зграпчивме еден друг и ѕидовите почнаа да се уриваат пред нас“, опиша синоќа младиот човек.

Од Сирија пристигнуваат информации дека во вчерашните земјотреси се повредени околу 470 лица. Потресите се почувствувани во Египет и Либан.