(Видео) Поплавите во Либија збришаа четвртина од градот Дерна


Откако браните пукнаа во големото невреме што ја зафати Либија, околу четвртина од  град Дерна на истокот на земјата беше збришан, соопшти во вторникот регионалната администрација, а Црвениот крст соопшти дека околу 10.000 луѓе се водат како исчезнати во поплавите низ целата земја.

Само во Дерна веќе се извлечени најмалку 1.000 тела. Локалните власти стравуваат дека бројот на жртвите може да биде многу поголем откако бурата Даниел го премина Медитеранот и ја погоди земја чија економија, инфраструктура и стандарди се во лоша состојба по повеќе од една деценија конфликт.

Новинар на Ројтерс, на пат кон Дерна, крајбрежен град со околу 125.000 жители, видел превртени возила, паднати дрвја и напуштени, поплавени куќи покрај патот.

„Се вратив од Дерна… таму е катастрофа. Насекаде има тела… во морето, под зградите, во долините…“, изјави Хихем Абу Чкиуат, министер за цивилна авијација и член на одборот, телефонски за Ројтерс.

„Во Дерна се пронајдени повеќе од 1.000 тела. Не претерувам кога велам дека 25 отсто од градот исчезна… бројни згради едноставно се урнаа“, рече тој.

Помошта е на пат
Министерот подоцна изјави за Ал Џезира дека очекува вкупниот број на загинати ширум земјата на крајот да достигне повеќе од 2.500, бидејќи нови бројки на исчезнати луѓе постојано доаѓаат и се зголемуваат.

„Од наши независни извори, можеме да потврдиме дека бројот на исчезнати е околу 10.000 досега“, рече Тамер Рамадан, шеф на делегацијата на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC), на новинарите во Женева преку видео-линк од Тунис.

На едно од видеата објавени на Фејсбук, кое Ројтерс не можеше да го потврди од независни извори, се гледаат тела покриени со ќебиња на тротоарите на Дерна. Кон градот се упатуваат бројни конвои со хуманитарна помош.

Либија е политички поделена меѓу истокот и западот, а јавните служби пропаднаа во 2011 година кога НАТО ги поддржа бунтовничките групи да се борат против Моамер ел Гадафи, проследено со години конфликт.

Меѓународно признатата влада во Триполи не ги контролира источните области на земјата, но со авион испратила помош за Дерна, потврди новинарот на Ројтерс кој бил во авионот. Други земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, исто така ветија помош.