(Видео) Отворени два прифатни центри во Албанија во кои Италија ќе испраќа мигранти


Во Албанија вчера беа отворени два прифатни центри за мигранти кои пристигнуваат во Италија, согласно договорот меѓу двете земји за регулирање на илегалната миграција во Европската унија.

Во ноември 2023 година, албанскиот премиер Еди Рама и италијанскиот премиер Џорџа Мелони преговараа за договор за испраќање илјадници бегалци и баратели на азил спасени од италијански бродови од Медитеранот во Албанија на обработка.

Првпат земја која не е членка на ЕУ прифаќа мигранти во име на членка
Ова е прв пример на не-членка на ЕУ да прима мигранти во име на земја-членка на Унијата, што ги заинтересира другите западни земји кои се обидуваат да го обесхрабрат зголемениот број на мигранти кои пристигнуваат во западните земји од Африка, Блискиот Исток и други области.

„Од денеска два центри се отворени и подготвени да ги примат првите мигранти“, изјави италијански функционер кој сакаше да остане анонимен во пристанишниот град Шенѓин, на јадранскиот брег на Албанија.

Според договорот, илегалните мигранти кои пристигнуваат во Италија ќе бидат транспортирани со брод до Шенѓин. Таму ќе се утврдува нивниот идентитет и ќе се обработуваат барањата за азил.

Тие потоа ќе бидат префрлени во блискиот град Ѓадар, каде што ќе бидат сместени.

Со финансиски средства од Италија, таму ќе се носат само луѓето спасени од Медитеранот со италијански бродови, а не оние кои стапнале на италијанска почва.

Албанија, една од најсиромашните европски земји, исто така е кандидат за членство во ЕУ. Во центрите можат да престојуваат до 3.000 мигранти.

Повеќе од 145.000 луѓе пристигнале на италијанските брегови во 2023 година, во споредба со околу 88.000 во истиот период во 2022 година.