(Видео) Од Детска клиника исчистени 40 тони акумулиран отпад – набавена современа апаратура

Од Клиниката за детски болести во изминатиов период исчистени се повеќе од 40 тоини отпад – стар мебел, електронска опрема и медицински инвентар, а денеска во посета беа министерите за здравство и животна средина, премиерот, директорот на фондот за здравство.
Посетата беше организирана по повод завршувањето на 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти на Клиниката, насочени кон подобрување на условите за лекување и згрижување на најмладите пациенти. Меѓу реализираните активности се издвојува и отстранувањето на над 40 тони акумулиран отпад – стар мебел, електронска опрема и медицински инвентар – првпат спроведено во соработка со социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, кое што согласно еколошките стандарди и лиценца, врши управување со неопасен отпад и стреми кон формализација на неформалмите собирачи, соопшти вчера Министерството за животна средина и просторно планирање.
Реализирани се 11 проекти за 11 месеци на Клиниката за детски болести во Скопје, беше кажано на денешната презентација на завршените проектни активности, на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на клиниката Реџеп Мемеди и директорот на ФЗО Сашо Клековски.
Директорот Мемеди појасни дека се работи за значајни проекти, од кои дел се инфраструктурни и еден дел се набавка на современа медицинска апаратура, со кои значително ќе се унапредува квалитетот на здравствените услуги и ќе се подобри медицинска грижа за најмладите и најмалите пациенти.
– Овие проекти всушност се решенија на многуте проблеми и недостатоци, кои ги утврдивме на почетокот на мандатот јули – август минатата година. Вкупната вредност на овие 11 реализирани проекти изнесува околу 40 милиони денари, од кои 7,6 милиони денари се донации на медицинска опрема, информираше директорот.
Тој додаде дека овие резултати не би биле возможни без поддршката од Владата, Министерството за здравство, Фондот за здравство, Катедрата по педијатрија, медицинските тимови и тимот од администрацијата како и многубројните донатори со големо срце кои позитивно одговориле на повик да ја помагаат Клиниката за детски болести.
– Сметам дека сите ние имаме одговорност да ја чуваме, развиваме и унапредуваме оваа Клиника, бидејќи се работи за највредното што го имаме, а тоа е здравјето на нашите деца, истакна Мемеди.
Министерот за здравство Азир Алиу рече дека ќе работат на три столба, поточно, на инфраструктурата, а такви треба да бидат сите здравствени институции, добри технологии за работата на докторите, и константна едукација на медицинскиот кадар.
Премиерот Христијан Мицкоски беше задоволен што со малку пари, било направено многу, а за тоа се погрижиле директорот и персоналот. Потенцира дека сите треба да го следат нивниот пример.