(Видео) Објавена првата кандидатура за Кочани: Венко Крстевски како независен ќе се бори за градоначалничкото место

На празникот Успение на Пресвета Богородица, вршителот на должност градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, објави дека ќе се кандидира како независен кандидат за прв човек на општината. Во своето обраќање тој порача дека Кочани заслужува безбедно, чисто и модерно секојдневие, управувано од волјата на граѓаните, а не од политички интереси.
Крстевски истакна дека во изминатите четири месеци, иако кратки, биле постигнати значајни резултати, меѓу кои првото лето без горење на депонијата и без загаден воздух со пластика. „Тоа не е случајност, туку резултат на работа, храброст и одлуки,“ нагласи тој.
Во своето обраќање посочи и на остварените дипломатски контакти со амбасадори кои, како што рече, ќе бидат партнери и поддржувачи во обновата на Кочани – град кој премногу долго бил запоставен.
„Не ветувам чуда, покажав резултати. Во најтешките моменти бев тука, не пред камерите, туку пред народот, лице в лице,“ рече в.д. градоначалникот, додавајќи дека ова не е политичка битка, туку граѓанска обврска.
Со мотото „Со срце и душа за Кочани“, тој порача дека неговата цел е враќање на гласот на граѓаните и достоинството на градот.