(ВИДЕО) Насилството во Чиле ескалира, полицајка запалена со молотов коктел
Две полициски службенички се тешко повредени во текот на повеќедневните протести и конфликти кои го тресат Чиле. Видео снимката од полицајката во пламен го обиколи светот.
Демонстрантите фрлајќи Молотови коктели запалија една полицајка. На снимката се забележува агонијата на жената додека колегите се обидуваат да и помогнат гаснејќи го оганот со противпожарен апарат и раце.
До инцидентот дојде недалеку од метро станицата Баквиедано, а полицијата со демонстрантите се пресметуваше со солзавци и водени топови.
(Предупредување: Видеото содржи вознемирувачки детали)
Повредените полицајки се на возраст од 20 и 25 години и двете се припаднички на специјалната полиција во градот Сантијаго. Нив во болницата ги посети министерот за внатрешни работи Гонзало Блумел, осудувајќи го нападот.
„Ова е чисто насилство кое нема врска со легитимните барања на демонстрантите. Тоа е чин на кукавичлуст и агресија насочени кон полицајките кои работеа на обезбедување на мирот на своите сограѓани“, наведе тој.
Новинарите кои се затекнале на местото на настанот известија дека полицијата, откако ги виде запалените колешки, ги интензивирала своите активности. Почнале да пукаат кон демонстрантите со гумени куршуми и ја засилиле употребата на солзавец.
Во двонеделните конфликти на демонстрантите (кои на улиците излегоа поради зголемувањето на цената на јавниот превоз за четири проценти!) со полицијата досега се повредени повеќе од 800 полицајци и околу 1650 демонстранти.