(Видео) Лукаревска: Од 1 јануари 2023 ќе се зголеми лимитот на повратот за ДДВ


Од 1 јануари 2023 година ќе се зголеми лимитот на повратот за ДДВ, преку апликацијата „Мој ДДВ“ со што граѓаните наместо најмногу 1.800 денари за едно тромесечје како сега, ќе можат да се добијат до 2100 денари за скенираните сметки.

Оваа информација денеска на прес конференција ја соопшти директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која за таа цела најави дека заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими ќе предложат измени во законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица.

Мерката „Мој ДДВ“ го слави третиот роденден.

„Во изминатите три години, со повратот на дел од данокот на додадена вредност, кај граѓаните вративме 4,2 милијарди денари или близу 68,3 милиони евра“, рече Лукаревска, додавајќи дека на тој начин директно се влијаело на подобрување на семејните буџети, како и за зголемување на бројот на издадени фискални сметки и за намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција.

 

Лукаревска рече дека апликацијата стартувала со 212.776 корисници, а денеска брои близу 460.000, како и дека гледано по региони најмногу скенирани фискални сметки има во Скопје и тоа 259 милиони.

Најмногу скенирање сметки има од бензиските пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника, а најголем број од корисниците се жени.

„Жените повеќе ја користат Мој ДДВ апликацијата. До крајот на мај годинава имало 245.924 корисници жени, додека 212.598 се машки. Задоволство е што граѓаните ја прифатија апликацијата од сите возрасти од 15 до 98 години“, истакна Лукаревска.

Додаде дека највозрасниот корисник на апликацијата е од радовишанец и има 98 години.

„Поделено по старосна структра, 1.808 граѓани кои скенирале 1,4 милиони сметки се до 18 годишна возраст, додека 90.829 граѓани се на возраст од 19 до 30 години и тие скенирале 113, 2 милиони фискални сметки, 118.085 граѓани на возраст од 31 до 40 години скенирале 177,3 милиони сметки, а 176,9 милиони фискални сметки скенирале 104 695 граѓани на возраст од 41 до 50 години. Граѓаните од 51 до 60 години скенирале 121,4 милиони фискални сметки, додека 75.527 граѓани над 61 година старост скенирале 98,7 милиони фискални сметки во текот на изминатите три години“, појасни Лукаревска.