(Видео) Лејди Гага со видеоспот снимен во „Лувр“ го најавува „Џокер 2“ и новиот албум Харлекин
Новиот видеоспот на поп-ѕвездата Лејди Гага, снимен во францускиот музеј „Лувр“ на почетокот на овој септември, веќе може да се погледне на интернет, по повод претстојниот почеток на прикажувањето на филмот „Џокер 2“ во којшто глуми и таа, но и поради отворањето на новата изложба. Спотот е всушност соработка меѓу „Лувр“ и филмското студио „Ворнер брос пикчрс“ што го продуцираше видеото.
Уметницата, која летово со свој настап учетвуваше и на отворањето на Олимписките игри во Париз, в петок ќе го објави и новиот албум „Harlequin“ (Харлекин), поврзан со филмот.
За 23 часа, видеото насловено „Joker Folie à Deux x Louvre“ има над 140.600 прегледи.
Во спотот, таа на заштитно стакло исцртува насмевка со кармин… Потоа се врти кон камерата со солза на лицето… Потегот со карминот честопати се толкува како вандализам, но од „Лувр“ истакнуваат дека оваа сцена е „чиста фикција“, замислена како „омаж“ на ликот на Џокер и Леонардо да Винчи.
Филмот ќе се прикажува од првата недела од октомври.
Ова не е првпат музејот „Лувр“ да соработува со музички ѕвезди. Меѓу поп-ѕвездите кои снимале тука се Вил-Ај-Ем, Бијонсе и Џеј Зи. Музејот неодамна објави и слики од приватната посета на Селин Дион, пред нејзиниот настап на Олимписките игри.