(ВИДЕО) Крај на потрагата: Пронајдени остатоците од авионот и четирите тела кои загинаа во несреќата
Откриени се и извлечени четирите тела на загинатите патници од авионската несреќа кај Солунска Глава. По наредба на јавен обвинител, Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје ќе врши обдукција, по што ќе биде утврден нивниот идентитет.
Министерството за внатрешни работи информира дека четворицата патници од авионот, што вчера полета од Охрид за Софија, а се урна во близина на Солунска глава, се починати.
Припадниците на МВР, вчера околу 19 часот, ги лоцираа остатоците од авионот на локација на околу пет километри северозападно од Солунска глава.
„Информациите се потврдени дека нема преживеани во авионската несреќа. Телата на загинатите се пренесени на Институтот за судска медицина за обдукција и тогаш ќе можеме да го потврдиме идентитетот на загинатите“, изјави министерот за внатрешни работи на Бугарија, Младен Маринов, за бугарските медиуми.
Младенов исто така посочи дека е во постојана комуникација со македонските колеги, како и дека се врши увид на местото и се утврдуваат причините за несреќата.
„Во моментов, ако е потребна помош, каква и да е, ние сме подготвени да помогнеме. Во овој момент, миниестерот за внатрешни работи на Северна Македонија не увери дека ги имаат сите потребни ресурси да се справат со првичните и неодложни дејствија“, посочи тој.
Според неофицијалните информации, причините за уривањето на авионот се поврзани со лошото време, пилотска грешка и техничка неисправност. Бугарскиот портал „Булњуз“, пак, пренесува дека пилотот Георги Бошнаков побарал да слета во Скопје, но не добил дозвола за такво нешто поради официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас, односно поради безбедносни мерки на аеродромот во тие моменти, по што Бошнаков решил да се упати кон Софија.
Во несреќата загинаа Г.А.Б. (1970 год.), К.Ц.К.Б.(1972 год.), Г.Г.Б. (2005 год.) и Б.Г.Б. (2000 год.) сите од Република Бугарија.
Министерството за внатрешни работи изразува сочувство до роднините на починатите и до сите граѓани на Република Бугарија. Службите на МВР, Институтот за судска медицина и Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти вршат увид под раководство на јавен обвинител.