Славески вели со булдожери може да се расчистуваат блокирани крстосници
Претседателот на Советот на Скопје им порачува на приватните превозници да не ѝ веруваат на градоначалничката Арсовска
Градоначалничката Данела Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност како што е јавниот градски превоз, порача денеска Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје, кој два дена е прозиван од Арсовска, за состојбите со градскиот превоз во Скопје.
„По оној кикс што беше направен со ЈСП, кадешто Владата мораше да прогласи вонредна состојба и да го снабди ЈСП со гориво од државните резерви, таа во моментов и во континуитет ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми во јавниот градски превоз.
Да потсетам, пред две години, кога приватните превозници, тогашните претпријатија, штрајкуваа, изразуваа револт, таа им ги раскина договорите и отпочна постапка за избор на нови даватели на јавни услуги. А сега напротив, иако веќе 4-5 месеци со ред приватните превозници не се држат до договорите, потпишани пред година и пол, а важат до мај 2025 година, таа ги толерира, и тоа го прави во вонредна состојба. Не знам колку е свесна таа, а колку се свесни приватните превозници“, рече Славески.
Славески појасни дека барањето за зголемување на цената на приватните превозници по изминат километар го добил во 15,30 часот во вторникот, преку советникот од советничката група на СДСМ Горан Арсов, а немало како да го препрати до градоначалничката на мислење, затоа што било крај на работно време. Другиот ден, по завршување на седницата тој испратил на мислење до Арсовска, но со неколку прашања, дали таа поддржува зголемување на цената, како тоа зголемуавње ќе влијае на приходите на ЈСП, кое треба да ги исплаќа парите до приватниците – дали тоа ќе значи и зголемување на цената на услутите на ЈСП или ќе биде субвенционирано.
Славески бара Арсовска да достави предлог како што Коце Трајановски во 2017 година во февруари доставил предлог до Советот на 17 страници, за утврдување на висината на цената за линискиот превоз на патници по критериумот остварен километар. Оваа одлука сѐ уште е во сила.
„Не може со фрази: Охрабри се Трајко, Советот на Град Скопје да одлучува за нешто за што нема мислење од стручните служби“, додавајќи дека ни еден советник нема такви податоци.
Тој им порача до приватните превозници да не ѝ веруваат на Арсовска, која може да ги раскине и нивните договори како на нивните претходници.
Доколку приватниците се решат, како што најавија, да блокираат крстосници, Славески рече дека во кризна состојба, може да дојдат булдожери, да ги расчистат блокаторите.
Проследете ја изјавата на Трајско Славески – претседател на Советот на Град Скопје, во врска со состојбите со јавниот градски сообраќај.