(ВИДЕО) Изјава на Стојанче Ангелов за пожарот во Галичник


Денеска, Стојанче Ангелов, в.д.директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) го посети местото на пожарот над селото Галичник заедно со претставникот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ. Ангелов даде куса изјава, а Костиќ изрази благодарност до сите коишто учествуваа во гаснењето на пожарот.

Целосно е изгаснат пожарот што избувна вчера над село Галичник. Екипа на полицијата денеска врши увид и ги утврдува причините, информираше в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов при денешната посета на местото на пожарот со претставникот на месната заедница Галичник, Александар Костиќ.

-Рано утрово два армиски хеликоптера го надлетаа местото на пожарот за доколку има потреба да интервенираат, но бидејќи пожарот е изгаснат тие се вратија во нивната база, но се на готовност доколку дојде до реактивирање на пожарот брзо да дојдат и да го изгаснат, изјави Ангелов.

Тој се заблагодари до сите кои помогнаа во гаснењето, од системот за управување со кризи, противпожарните единици и до граѓаните.

Со пожарот беше зафатена борова шума на непристапен терен и заради засилениот ветар претставуваше потенцијална опасност за селото Галичник.