(Видео) Електромобил што поминува 1.600 километри со полна батерија? Од „Аптера“ велат дека е можно


Компанијата „Аптера“ претстави електрично возило кое може да помине над 1.600 километри со полна батерија.
Противниците на електричните автомобили ја наведуваат ниската автономија на возењето како една од главните причини зошто не им се допаѓа овој вид возила. Аптера 3 го побива тој аргумент.
Со исклучителна аеродинамика, овој двосед на три тркала има коефициент на отпор на воздухот од само 0,13 и претставува вистинска револуција во областа на електричните возила. За споредба, моделот 3 на Тесла има коефициент од 0,23, а електричниот СУВ на Фолксваген ID 4 има коефициент од 0,28 .

Како што е наведено, клиентите ќе можат да изберат помеѓу четири конфигурации на погонски батерии, од кои најголемата, од 100 kWh, овозможува автономија при возење од над 1.600 км.
Покрај тоа, со помош на соларен панел на покривот, кога е сончев ден автомобилот може да помине дополнителни 64 км. Основната верзија на Aptera 3 е опремена со батерија од 25 kWh и има радиус на возење од 402 км.
Производителот наведува и дека моделот со капацитет на батерија од 40 kWh може да помине до 644 километри со едно полнење, а оној со батерија од 60 kWh има автономија од 966 км.
Во зависност од верзијата, автомобилот ќе биде опремен со електромотор со различна моќност.
Компанијата не откри повеќе детали, но тие тврдат дека моделот со погон на предните тркала (единечен електричен мотор) од 0 до 96 км на час (0-60 милји на час) ќе забрза за 5,5 секунди, додека најмоќната варијанта со погон на сите три тркала ја достигнува истата брзина за само 3,5 секунди. Покрај малиот отпор на воздухот, моделот Аптера 3 се карактеризира со релативно скромна маса кога станува збор за електрични возила.
Така, дури и верзијата со капацитет на батерија од 100 kWh тежи помалку од 1.000 килограми, што дополнително помага да се постигне исклучителна автономија на возењето.

Нарачки за моделите на Аптера се можни и сега, со депозит од само 100 долари кој се враќа. Цената ќе се движи од 25.900 до 46.000 американски долари или повеќе во зависност од опременоста, а компанијата очекува да ги испорача првите примероци во 2021 година.
Инаку, во 2011 година, Аптера беше затворена откако не беше во можност да обезбеди заем од 150 милиони долари за производство на Aptera 2e, кој беше сертифициран од Министерството за енергија на САД. Претседателот и извршен директор Пол Вилбур во тоа време рече дека компанијата „придонела со нови технологии за да се изгради иднина за поефикасно возење“.