(Видео) Двајцата астронаути од Space-X се враќаат на Земјата


Двајцата астронаути кои слетаа на Меѓународната вселенска станица (ISS) кон крајот на мај користејќи ја приватната капсула на Илон Маск , SpaceX, Crew Dragon, треба денеска да се вратат на Земјата.

Тие треба да слетаат по двомесечен престој на Меѓународната вселенска станица, првата управувана мисија на НАСА во последните девет години.

По завршувањето на програмата за вселенски летови во 2011 година, Американците летаа со руски ракети на МВС.

Американските астронаути Боб Бенкен и Даг Харли треба да слетаат на една од седумте локации во Мексиканскиот Залив или Атлантскиот Океан попладнево.

„Најтешкиот дел беше лансирањето, но најважно е да се вратите дома“, рече вчера Бенкен.

Менаџерот на екипажот на НАСА, Стив Стич, изјави дека во понеделник се отвора нова можност доколку ураганот Исаја што се заканува на Флорида би го одложил денешното слетување.

Бенкен и Харли се првите астронаути кои пристигнаа на МВС, на 400 километри од Земјата, со вселенско летало на приватна компанија.

НАСА му довери на SpaceX да развива ново вселенско такси, а доколку таа мисија биде успешно завршена, Американците повеќе нема да зависат од Русите за да летаат во вселената.

Харли (53) и Бенкен (49) се вработени во НАСА според договор со „Спејс Икс“.