ВИДЕО: Бугарскиот камион со 39 човечки тела во Англија пристигнал од Белгија
Британската полиција соопшти дека верува дека камионот во кој биле пронајдени 39 човечки тела во Пурфлит со траект пристигнал од Белгија.
Од полицијата на Есекс претходно соопштија дека камионот пристигнал од Бугарија, но од бугарското министерство за надворешни работи рекоа дека возилото во Бугарија е регистрирано на 19 јуни 2019 година и дека ја напуштило земјата ден подоцна.
Од Министерството истакнаа дека возилото припаѓа на компанија која е во сопственост на жена од Ирска.
Во соопштението е додадено дека камионот не се враќал во Бугарија по 20 јуни 2017 година.
Иако во Британија влегол од Белгија, не се знае од каде товарот дошол пред да се најде во Белгија.
Полицијата соопшти дека во приколката биле пронајдени 38 тела на возрасни лица и едно на тинејџер.
Уапсен е возачот на камионот, државјанин на Ирска, 25-годишниот Мо Робинсон, кој е осомничен за убиство.
Од полицијата истакнуваат дека камионот во Британија стигнал преку островот Англисија во саботата на 19 октомври.
Заменик шефот на полицијата Пипа Милс изјави дека прв приоритет е идентификување на жртвите, но дека се очекува тој процес долго да потрае.