(ВИДЕО) Блокирани голем број улици во БиХ, поради поплавите
Обилните дождови кои продолжија да врнат во текот на ноќта во Босна и Херцеговина предизвикаа значителни проблеми во северните и централните делови на земјата, каде дојде до ново излевање на реките од коритата, поради што се поплавени голем број станбени и деловни објекти, како и дел од улиците.
Драматично влошување на состојбата е забележано на подрачјето на Бања Лука и Добој, каде реките Врбања и Врбас се закануваат на локалното население, јави Хина.
Градоначалникот на Бања Лука Игор Радојчиќ прогласи вонредна состојба во дел од градските општини, но изутринава информираше дека состојбата полека се нормализира и оти засега нема закана од поголеми поплави. Во делови на градот Добој беше наложена евакуација на населението.
И натаму е отежнат сообраќајот на магистралата од правец Добој кон Сараево, која ги поврзува централните делови на БиХ со Хрватска.
Поплави од поголем интензитет се забележани на подрачјето на Маглај, а најкритично беше во маглајските села, каде надојдената вода веќе предизвика голема штета на станбените и помошните објекти, како и на земјоделските култури. Водостојот на реката Босна кај Маглај синоќа се зголеми за повеќе од 160 сантиметри.