(ВИДЕО) Барселона со пресврт го совлада Интер, Ливерпул во голеадата подобар од Салцбург


Со вечерашните натпревари од Лигата на шампионите комплетирано е второто коло од Лигата на шампионите.

Дербито на вечерта се одигра на „Камп Ноу“ каде Барселона го пречека Интер и на крајот се радуваше на победа од 2:1.

Гостите од Италија беа подобриот противник во првото полувреме, а веќе во 3. минута од натпреварот дојдоа до водство со голот на Лаутаро Мартинез.

По ова Барселона ја презеде иницијативата на теренот со својата препознатлива игра, но не успеваа да создадат посериозни шанси за да го загрозат голот на Интер. Барселона имаше повеќе од поседот и повеќе удари кон голот на Хандановиќ, но воглавно тие не беа опасни за Интер, додека пак гостите во неколку ситуации сериозно се заканија и можеа да го зголемат водството.

Во второто полувреме сосема поинаква слика на теренот. Барселона се разигра, Интер пак чекаше шанси од противнапад, но Каталонците набрзо го израмнија резултатот. Видал го проигра Луис Суарез, а Уругваецот на маестрален начин со волеј ја затресе мрежата на Хандановиќ.

По ова продолжи иницијативата на домаќините кои притискаа и бараа втор погодок кој би им гарантирал победа и три бода. Погодокот дојде во 84. минута кога Лионел Меси со фантастична соло акција се ослободи од двајца чувари, го проигра Суарез, а тој со одличен прв допир се ослободи од својот чувар и рутинирано ја затресе мрежата за 2:1 и голема победа на Барселона.

На „Енфилд Роуд“ европскиот првак Ливерпул го пречека составот на Ред Бул Салцбург и се очекуваше да дојде до рутинирана победа, но гостите не се предадоа така лесно, иако резултатот од првото полувреме навестуваше дебакл за нив.

Мане во 9. минута го отвори резултатот, а Робертсон во 25. минута стрелаше за 2:0. Салах во 36. минута зголеми на 3:0, но само три минути подоцна Салцбург намали на 3:1.

Никој не очекуваше кам-бек на австрискиот првак, но тој се случи во второто полувреме кога Минамино намали на 3:2, а новата млада фудбалска сензација Халанд го израмни резултатот во 60. минута.

Сепак, надежите на гостите згаснаа во 69. минута кога Салах со својот втор гол на мечот ги постави конечните 4:3.

Челзи славеше со 1:2 на гостувањето кај Лил. Тами Абрахам со голот во 22. минута го отвори резултатот, а домаќините само десетина минути подоцна го израмнија резултатот преку Осимен.

Конечните 1:2 ги постави Вилијан во 78. минута од натпреварот.

Во Санкт Петерсбург Зенит ја пречека Бенфика и славеше неочекувано убедливо со 3:1.

Џјуба ги доведе домаќините во водство во 22. минута. Во второто полувреме Диас си постигна автогол за 2:0, а во 78. минута Азмун зголеми на 3:0. Набрзо Зенит постигна и четврти погодок, но истиот беше поништен по прегледување на ВАР снимката, а поразот на гостите го ублажи Раул Де Томас во 85. минута.

Во истата група Лион забележа победа на гостувањето кај РБ Лајпциг. Мемфис Депај го отвори резултатот во 11. минута, а Терие во 65. минута ги постави конечните 0:2.

Екипата на Ајакс потсетува на игрите од минатата сезона, откако вечерва славеше убедлива победа на гостувањето кај Валенсија на „Местаља“.

Холандскиот првак дојде до водство веќе во 8. минута благодарение на фантастичниот еврогол на Хаким Зијеш. До крајот на првото полувреме Промес зголеми на 0:2 со голот во 34. минута, а конечните 0:3 ги постави Ван де Бек во 67. минута од натпреварот.