Вицепремиерот Арбен Фетаи изгледа ќе остане во владата


Арбен Фетаи и Арбен Таравари

 

Почна поделбата во делот на Алијансата за Албанците чиј лидер е Арбен Таравари. Некои сакаат да останат во власта како дел „Вреди“, други ќе го придружуваат поранешниот министер за здравство.

Вицепремиерот Арбен Фетаи, заедно со Азир Алиу, Сурија Рашити и Фета Алими, беа на посета кај премиерот во оставка на Косово, Албин Курти. Фетаи на социјалните мрежи објави фотографии од средбата и напиша:

„На разденувањето денес, заедно со неколку пријатели по идеал од Алијансата за Албанците, тргнавме кон Приштина, минувајќи по автопатот ‘Арбен Џафери’, пат што за нас не е само инфраструктура, туку симбол на нашата духовна и национална врска. Таму, во Приштина, водевме братски разговор со нашиот пријател, Албин Курти. Она што нè обединува денес, повеќе од кога било, е нашата заедничка визија и идеал за напредок и развој — идеал што не познава граници, ниту пречки“, напиша Фетаи.

И поранешниот министер за администрација, Азир Алиу, на неговиот профил напиша дека ќе продолжи да биде дел од „Вреди“.

„Со голема почит кон претседателот на партијата и неговото право на политичка проценка, чувствувам обврска јавно да кажам дека ќе продолжам да бидам дел од процесот што заедно го започнавме во ‘Вреди’ и во оваа влада“, напиша Азир Алиу.