Ветерниот парк на „Алказар енерџи“ ќе има 55 ветерници, ќе почне да се гради во 2026 година


Струја за 100 000 домаќинства, 55 ветерници коишто ќе произведуваат еден терават час електрична енергија, 630 нови вработувања, најголема инвестиција во сегментот на парк со ветерници. Ова е накусо, „профилот“ на бомбастично најавуваната инвестиција на новата Влада, за што најавите беа уште во периодот пред изборите. Сепак, инвестицијата немада се случи „уште утре“, туку нејзината реализација ќе почне во 2026 година, според соопштението на инвеститорот, фондот „Алказар енерџи“ со седиште во Луксембурк и канцеларија во Дубаи, ОАЕ, што е различно од посоченот на промоцијата на инвестицијата каде што беше речено дека изградбата се очекува да започне во втората половина на 2025 година.

Премиерот Мицкоски на промоцијата на инвестицијата рече дека ветерниот парк ќе се гради меѓу Карбинци, Штип и Радовиш, а со оваа инвестиција вредна над 500 милиони долари, се очекува да се отворат нови 630 работни места. 

Според Мицкоски, сстанува збор за најголема инвестиција во делот на обновливите извори во регионот.

„Ваквиот почеток на мандатот со ваква инвестиција покажува дека како Влада сме насочени кон проекти што се во интерес на граѓаните. Со завршување на овoј проект дури 100-тина илјади македонски семејства ќе може да се снабдуваат со електрична енергија од овие ветерници. Овој проект е значаен од многу аспекти – со него ќе се зајакне значително енергетската независност, што е наша цел, ќе го зголеми обемот на инвестиции и ќе отвори пат за нови инвестиции. Ваков тип на инвестиции покажуваат дека довербата во оваа Влада уште на самиот почеток е голема и дека како опозиција работевме и сега како Влада само ќе продолжиме да работиме со зајакнато темпо“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека целта на Владата е земјата да стане енергетски независна во делот на електричната енергија и според него, тоа може да се реализира со детален план.  

„Планот го имаме, луѓето ги имаме, останува само да ја завршиме домашната задача што сами ја поставивме. Велат дека секој човек сонува за големи работи, а дека малку кој своите соништа ги креира во вистински проекти. Јас сум од оние луѓе кои сакаат да видат конкретни дела, а не се потпира само на даден збор“, рече Мицкоски. 

Со детали за проектот денеска преку официјално соопштение се огласи и инвеститорот објавувајќи инвестиција од 500 милиони американски долари за започнување на најголемиот проект за копнени фарми на ветер во Северна Македонија со капацитет до 400 MW.

„Овој проект претставува клучен чекор во целта на компанијата да ја развие најголемата платформа за обновлива енергија во Западен Балкан“, велат од „Алкараз енерџи“ .

Од таму додаваат дека проектот е меѓу најголемите ветерни електрани на Западен Балкан и речиси петкратно ќе го зголеми инсталираниот капацитет на ветер во Северна Македонија откако ќе биде целосно оперативен. 

„Финансиското затворање се очекува до четвртиот квартал 2025 година, а изградбата треба да започне на почетокот на 2026 година“, велат од „Алкараз енерџи“ во официјалното соопштение.

Од таму додаваат дека „Штипскиот проект, 75 километри јужно од Скопје, ќе игра клучна улога во унапредувањето на Инвестициската платформа за праведна транзиција на Северна Македонија, објавена на COP28, и ќе даде значителен придонес во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во земјата“.

Проектот се проценува дека ќе создаде повеќе од 630 работни места во градежништвото и штом ќе биде оперативен, ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на над 100.000 домаќинства годишно, притоа избегнувајќи ослободување на преку 670.000 тони CO2-eq годишно.

Овој проект претставува втора пресвртница на „Алкараз енерџи“ во нејзините напори да изгради најголема платформа за обновливи извори на енергија во Западен Балкан, со очекувана вкупна регионална инвестиција од околу 1,0 милијарди американски долари.

„Оваа инвестиција не само што ќе биде од корист за енергетскиот микс во Северна Македонија, туку и значително ќе придонесе за енергетската безбедност на поширокиот регион на Западен Балкан. Поради мрежното поврзување на Северна Македонија со Грција, Бугарија, Србија и Косово, проектот ќе помогне и да се намали недостигот на енергија и да се поддржи транзицијата кон обновлива енергија во Западен Балкан и Југоисточна Европа“, велат од „Алкараз енерџи“.

Даниел Калдерон, ко-основач и управен партнер на „Алкараз енерџи“ , вели дека се возбудени што ќе започнат голем проект на фарма на ветер во Западен Балкан, обезбедувајќи и на Северна Македонија чиста, достапна електрична енергија и создавање локални работни места.

„’Алказар енерџи’ ја гледа Северна Македонија како перспективна локација за инвестирање за обновлива енергија. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со владата и засегнатите страни за изградба на најголемиот ветерен парк во земјата, со што значително ќе го зголемиме нејзиниот капацитет на ветер. Нашата посветеност на принципите на ESG и развојот на обновливите извори на енергија ја нагласува нашата посветеност на одржлива инфраструктура на пазарите во развој“, истакна Калдерон.

Одговарајќи на прашања на новинарите Калдерон рече дека со партнерите уште пред десетина години решиле да инвестираат во пазари во развој, додавајќи дека дошле во Македонија каде соларната и ветерната енергија сè уште не се толку присутни.

На прашање на новинарите дали сегашниот проект има врска со идејата од 2008 година, кога со него се поврзуваа бизнисменот Стефан Пулејковски и шпанската фирма „Инвал“, Калдерон не беше прецизен дали шпанската фирма е дел од „Алказар“, туку рече дека секогаш кога фондот ќе дојде во земји како Македонија, Црна Гора, Египет, Јордан, има локален партнер.

„Најчесто овој локален партнер има одработено во делот на подготовка и развој бидејќи треба да се анализира земјиштето, да се види контекстот, какви технологии треба да се применат. Така што, Стефан го спроведуваше тој дел од проектот, ги завршуваше тие работи и сега ’Алказар енерџи‘ доаѓа во момент кога гледаме дека политичкиот прозорец е исправен, економскиот контекст е поволен, трошоците за технологијата се поволни за ова да може да се реализира на начин на кој е потребен“, рече Калдерон.

Тој не одговори прецизно и на прашањето по која цена ќе го изнајмуваат земјиштето, посочувајќи дека прашањето поврзано со набавка на земјиштето, најчесто не е до нив.

„Често пати се врши закуп на земјиштето, им се плаќа на оние локални заедници низ кои поминува оваа електрана за целиот животен век на една електрана, што најчесто е 20 до 30 години“, рече Калдерон. 

Инаку, првото производство на електрична енергија од ветерниците се очекува во втората половина на 2027.

Министерката за енергетика Сања Божиновска најави програма за грантови и поволни кредити за 150 илјади домаќинства во еден мандат за сопствениците на приватните куќи и станови.

„Поддршката ќе се однесува на поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, исто така и субвенции за граѓаните до 50 проценти од цената за набавка и инсталација на енергетска ефикасна опрема. Домаќинствата ќе имаат можност да го продаваат вишокот од произведената електрична енергија по подобри услови со промена на постоечката регулатива. Предвидуваме и промени на начинот на пресметка за исплата на продадената вишок произведена енергија“, посочи Божиновска.

„Алкараз енерџи“ е водечки независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим на советници со седиште во Дубаи кои се фокусираат на големи проекти за обновлива енергија на пазарите во развој.