Верските училишта ќе влезат во државниот образовен систем

Владата на вчерашната седница го усвоила текстот на законот за средно образование на верските заедници. Тоа ќе овозможи богословското училиште „Свети Климент Охридски“ и исламската медреса „Иса Беј“ да влезат во државниот образовен систем.
Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои учениците кои таму матурираат да можат да го продолжат своето образование на редовните државни или приватни универзитети во земјава.
Уставниот суд пред три месеци го укина одобрението за основање на приватно средно училиште Медреса „Иса Беј“ донесено од техничката влада предводена од Талат Џафери. Таа одлука го стави под притисок кабинетот на Христијан Мицкоски, па тој сега подготви законски измени за да се овозможи „легализирањето“.
Инаку, темата од формален аспект е актуелна речиси две децении, а најчесто зад неа стои иницијатива на функционери од редовите на ДУИ. Првиот конкретен предлог се појави во 2019 министер за образование беше Арбер Адеми.
Вицепремиерот Изет Меџити вчера ја глорифицираше оваа одлука. Според него, одлуката на Владата е историски чекор, не само за муслиманите, туку и за целото општество кое се стреми кон правда, инклузија и еднаквост, како и „победа за правото на образование, за нашето културно наследство и за почитувањето на верскиот плурализам во државата“.