„Веро џамбо“ почнува со работа денеска, „Рамстор“ утре, „Сити мол“ и „Капитол“ во петок


„Веро џамбо“ денеска ги отвора вратите за своите посетители. Оттаму велат дека се целосно подготвени да ги запазат протоколите за спречување на ширењето на пандемијата со корона вирусот, пренесе Слободен печат.

Во трговскиот центар „Рамстор“ бутиците ќе почнат со работа утре, а во „Сити мол“ и во „Капитол мол“ од петок.

Од „Скопје сити мол“ и од „Капитол мол“ велат дека нема да работат во неделите, а другите денови ќе работат од 10 до 18 часот.

„Со цел да го подготвиме трговскиот центар во најдобар ред како и продавниците да бидат спремни за отварање сакаме да ве известиме дека трговскиот центар ќе биде отворен на 15 мај во 10 часот. Трговскиот центар ќе работи со ограничено/ скратено работно време (10-18 часот) и ќе биде затворен во неделите. Се надеваме и посакуваме брзо да се вратиме на старите добри и успешни патеки заедно со вас. Како менаџмент на „Скопје сити мол“ работевме и се уште работиме на тоа, повторното отворање да биде што посигурно и побезбедно за нашите вработени, вработените во продавниците и посетителите на трговскиот центар, како и за сите инволвирани страни“, велат од „Скопје сити мол“.

Владата на вчерашната седница донесе одлука за олабавување на мерките воведени поради корона кризата.