Верниците се простуваат од папата Бенедикт XVI во базиликата Св. Петар


 

Верниците од понеделник наутро можат да му оддадат почит на почесниот папа Бенедикт Шеснаесетти, во ватиканската базилика Свети Петар.

Приватните посети на кардинали и лица тесно поврзани со Рацингер започнаа на 1 јануари, а папата Франциско беше првиот што му оддаде почит на починатиот на 31 декември, непосредно по неговата смрт, потврди директорот на Канцеларијата за печат, Матео Бруни.

Вратите на базиликата се отворени за јавноста во понеделник од 9 до 19 часот, а во вторник и среда од 7 до 19 часот.

Влезот е бесплатен и не бара резервации на билети, соопшти Ватикан.

Папата Бенедикт Шеснаесетти почина во саботата наутро на 95-годишна возраст, откако Ватикан во средата објави дека неговото здравје е влошено, а папата Франциско ги повика католиците да се молат за него.

„Господи, те сакам“, се последните зборови на Бенедикт Шеснаесетти, изговорени на италијански во присуство на медицинска сестра во пресрет на неговата смрт, според неговиот личен секретар, надбискупот Георг Гансвајн.

Бенедикт Шеснаесетти, со вистинското име Јозеф Рацингер, роден во Баварија, беше избран за папа во 2005 година по смртта на Јован Павле Втори, а се откажа од папската функција во 2013 година поради лоша здравствена состојба, по што се се повлече во манастир во Ватиканските градини.