Верификувана кандидатурата на Темелко за градоначалник на општина Пустец


Албанската централна изборна комисија ја верификува кандидатурата на Едмонд Темелко за градоначалник на општина Пустец, како и кандидатската листа за советници во Советот на општината, предложена од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).

Носител на кандидатската листа за Советот на општината е Јордан Ставре од селото Туминец. Советот на општината брои 15 членови.

На претстојните локални избори, што во Албанија ќе се одржат на 30 јуни, МАЕИ со свои кандидати настапува единствено во општина Пустец.

Во актуелниот состав на општинскиот совет, во кој сите се етнички Македонци, партијата има седум членови, останатите осум се од други партии. Од вкупниот број, осум се мажи додека седум се жени.

Едмонд Темелко, кој е актуелен градоначалник на Пустец, ќе се трка за четврт мандат. Првпат на функцијата градоначалник на Општина Пустец е избран 2007 година, а по втор и трет пат реизбран на изборите во 2011 и 2015 година.

Довербата на последните избори му ја дадоа над 80 отсто од гласачите.

Едмонд Темелко е роден во Пустец, во 1972 година, по занимање е дипломиран ветеринар.