Вера, надеж, љубов: Влатко Стефановски со вонсериски концерт за пријатели

Концертот во интимна атмосфера на македонскиот вонсериски гитарист Влатко Стефановски  синоќа во луксузниот комплекс Старо Буре, во Кучково се претвори во незаборавна журка и ноќ за паметење со најмоќните негови песни отсвирени само за оние кои имаат вера, надеж и љубов.

Влатко, со неговиот бенд „Влатко Стефановски Трио“ кој  го сочинуваат и Јан Стефановски (18) – тапани и Иван Кукиќ (21) , на бас-гитара, едноставно растурија со народниот, поп, кантри и блуз опус, пред бројните фанови, претставници на дипломатскиот кор во земјата и претседателот Стево Пендаровски и првата дама.

Синоќа, покрај базен, со пијачка и најблиските, на свеж воздух, и краткотраен дожд, беше вечер од која не сакавте да си заминете дома туку сакавте да трае и трае.

Влатко, само неколку дена по настапот како специјален гостин на светската поп-ѕвезда СТинг на Градскиот стадион, ни приреди незаборавно музичко патување од наше и ова време: „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Чукни во дрво“, „Скопје“, „Калајџиско оро“, „Џипси сонг“, „Вера, надеж, љубов“, „Исток-Запад телепатски“… како и „Бистра вода“, како една од најбрилијантните парчиња од опусот на „Леб и сол“. Урбаната публика цупкаше со нозете, постојано аплаудираше, свиркаше и довикуваше браво, а на крај, гостинките се буткаа на сцена да се сликаат со Јан и Иван.

Големината на Стефановски не е само гитарската мајсторија, туку и неговата едноставност и непосредност. Од познати регионални и светски сцени до сцените низ нашава земја, Влатко е еден од најголемите промотори на Македонија во светот.

Л. Сабит