Вељаноски ги повикaл Димовски и Муслиу да реферираат за кадровските промени во разузнавањето
Директорот на новата Агенција за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски в среда треба да реферира пред собраниската Комисија за надзор на безбедносно разузнавачките служби за преземањето на кадри од поранешната УБК. На дневен ред на седницата на надзорната комисија, покрај точката во врска со преземањето, селекцијата и изборот на работници од УБК во АНБ, е и информација за кадровските промени и состојбите во Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на шефот на државата. Најавено е дека за состојбите во оваа Агенција ќе информира нејзиниот директор, односно Еролд Муслиу, кој беше поставен на функцијата по изборот на Стево Пендаровски за претседател.
Претседател на оваа собраниска Комисија е поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е прва седница на надзорната комисија по смената на челното место во Агенцијата за разузнавање, како и по формирањето на АНБ, која почна со работа на 1 септември. За неполн месец од почетокот со работа околу АНБ се шират информации за можен бунт поради наводно изигрување на критериумите за нови вработувања и за селекција на кадрите од УБК.
На сметка на АНБ деновиве стигнуваа обвинувања оти дел од вработените се со кривични пријави, двојни државјнаства, блиски врски со старите структури што се виновни за скандалот со прислушување, како и за мал процент вработени од албанска националност. Директорот Димовски изјави дека Комисија за селекција формирана од Владата одржала 39 состаноци, на кои ја усвоила листата на вработени кои ги задоволуваат критериумите.
Имаше и информации дека половина од вработените од УБК, односно околу 300 лица, не го поминале „филтерот“ во Комисијата за селекција, чие работење беше и под надзор на пратеници од опозицијата.
Инаку, со формирањето на АНБ, која е во надлежност на владата, престана со работа УБК, која беше во рамки на МВР, а нејзиниот последен директор Горан Николовски деновиве и формално е разрешен од функцијата. Но и покрај ваквата промена, собраниската Комисија за надзор над разузнавачките служби сѐ уште го нема променето своето име, односно и наатаму фигурира како Комисија за надзор на работата на УБК и на АР.
Не се исклучува комисиската седница в среда да биде затворена за јавноста. (А.М.М.)