Велика Британија и Индија постигнаа „историски“ трговски договор по три години преговори

Велика Британија и Индија постигнаа долгоочекуван трговски договор, за кој министрите велат дека ќе додаде 4,8 милијарди фунти годишно (околу 5,76 милијарди евра) на британската економија до 2040 година.
Договорот, финализиран денеска, по повеќе од три години преговори под различни влади, долго време се сметаше за една од најголемите придобивки од Брегзит, посочува Гардијан.
Премиерот на Велика Британија Кир Стармер, по телефонскиот разговор со индискиот премиер Нарендра Моди, изјави дека „историскиот договор“ со Индија ќе „ја поттикне економијата и ќе донесе придобивки за британскиот народ и бизниси“ .
Договорот ветува голем напредок за британската автомобилска и алкохолна индустрија, кои претрпеа последици од царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп. Индиските царини на британското виски и џин ќе се преполоват од 150% на 75%, а потоа ќе се намалат на 40% до десеттата година од договорот, според Министерството за бизнис.
Царините на британските автомобили ќе се намалат од 100% на 10%, со поставени квоти за бројот на британски автомобили што можат да се извезат во Индија и обратно.
Според договорот, Индија ќе ги намали царините на 90% од британските производи, вклучувајќи козметика, јагнешко месо, лосос, безалкохолни пијалаци, чоколадо, бисквити, медицински уреди, делови за авиони и електрични машини. Врз основа на податоците од 2022 година, намалувањето на царините вреди 400 милиони фунти.
Велика Британија ќе ги намали царините на индиската облека, обувки и прехранбени производи. Министрите велат дека ова ќе им овозможи на потрошувачите пристап до поевтини производи и поголем избор.
Паралелните преговори за билатерален инвестициски договор, кој би воспоставил правна заштита за инвестициите меѓу двете земји, сè уште не се финализирани.
Моди и Стармер се очекува да се сретнат во наредните месеци за да го потпишат договорот. Моди денеска објави на Икс дека Индија и Велика Британија „успешно заклучија амбициозен и заемно корисен договор за слободна трговија“ и дека со нетрпение очекува да го пречека Стармер во Индија.
Според официјалните лица, до 2040 година договорот ќе ја зголеми билатералната трговија меѓу двете земји за 25,5 милијарди фунти, БДП на Велика Британија за 4,8 милијарди фунти и платите за 2,2 милијарди фунти годишно. Британските преговарачи велат дека ова е најамбициозниот договор што Индија досега го склучила.
Како дел од договорот, двете земји ќе потпишат конвенција за двојни придонеси, според која индиските работници што привремено живеат во Велика Британија нема да плаќаат придонеси за национално осигурување три години. Истото важи и за британските работници во Индија, што беше клучно барање на Делхи.
Официјалните лица нагласија дека договорот не вклучува промени во имиграционата политика, но ќе ги олесни визните процедури за индиските професионалци во одредени сектори. Нема да има исклучок од претстојниот британски данок на јаглерод во рамките на договорот, иако преговорите за ова продолжуваат.
Договорот вклучува поглавја за подобрување на мерките против корупција, родовата еднаквост, како и еколошките и трудовите стандарди.
Министерот за бизнис и трговија, Џонатан Рејнолдс, минатиот вторник во Лондон разговараше со својот индиски колега Пијуш Гојал, каде што беа договорени повеќето преостанати прашања. По кратко патување во Норвешка, Гојал се врати во Лондон и се сретна со Рејнолдс во петокот, пред да се врати во Индија. Преговарачите работеа непрекинато преку викендот за да го финализираат договорот.
Рејнолдс ги рестартираше преговорите со Индија во март во Делхи, каде што двете страни се согласија да не ги отвораат поглавјата договорени за време на конзервативните влади.
Ова е најголемиот и економски најзначаен трговски договор што Велика Британија го склучила по напуштањето на ЕУ, посакуван од повеќе конзервативни премиери. Борис Џонсон и Лиз Трас поставија рокови за постигнување договор, но не успеаја да ги финализираат. За време на владата на Риши Сунак, преговарачите беа блиску до финализирање, но процесот беше замрзнат кога беа распишани избори во Велика Британија.
„Со склучувањето на нов трговски договор со економијата што најбрзо расте во светот, обезбедуваме милијарди за британската економија и платите секоја година и отвораме можности за раст во секој дел од земјата. Во време на глобална несигурност, прагматичниот пристап кон глобалната трговија што им обезбедува стабилност на бизнисите и потрошувачите е поважен од кога било, рече Рејнолдс.
Марк Кент, извршен директор на Асоцијацијата за шкотско виски, рече дека ова е „договор што се случува еднаш во генерација и историски момент за извозот на шкотско виски на најголемиот пазар за виски во светот“. Тој додаде: „Намалувањето на сегашната царина од 150% на шкотското виски ќе биде трансформативно за индустријата и има потенцијал да го зголеми извозот на шкотско виски во Индија за една милијарда фунти во следните пет години, создавајќи 1.200 работни места низ Велика Британија“.