„Величествените 7“ би биле втора највредна берза во светот


Колкава е застрашувачката моќ на седумте американски технолошки компании, колоквијално наречени „Величествените 7“ (Magnificent 7), покажува најновата пресметка на аналитичарите на Дојче банк. Како што објави Си-Ен-Би-Си (CNBC), пазарната вредност на Епл, Амазон, Алфабет, Мета, Мајкрософт, Нвидија и Тесла е повисока од речиси сите берзи во светот денес. Според нивната анализа, пазарната капитализација на тие седум ја надминува вредноста на сите котирани компании во повеќето земји од Г20. Поголема вкупна добивка освен САД имаат само компаниите од кинеската и јапонската берза.

Повредни од акциите во три држави

Ако акциите на „Величествените 7“ беа сами на берзата, тој пазар ќе беше втора најголема капитализација во светот, двојно повредна од јапонската берза.

Само Мајкрософт и Епл имаат приближна пазарна вредност како сите котирани компании во Франција, Саудиска Арабија и Обединетото Кралство, пресмета Дојќе банк.

Ваквата концентрација на капитализација кај толку мал број акции загрижи некои набљудувачи кои сметаат дека тоа е значителен ризик за американската и светската берза. Џим Рид, директор за глобално економски истражувања во Дојче банк, во анализата вели дека сегашната американска берза е многу блиску до онаа од 2000 и 1929 година во однос на концентрацијата на капитализација во мал број акции.

Во банката го анализираа движењето на цените на 36-те акции кои од средината на 60-тите беа меѓу петте највредни компании во индексот СиП 500 (S&P 500).

Од нив, 20 компании се уште се меѓу 50-те највредни компании. Од акциите на „Magnificent 7“ во петте највредни компании, Мајкрософт од 1997 година не е во таа група само четири месеци. Епл е меѓу петте највредни од декември 2009 година, а Алфабет е член од август 2012 година, со исклучок на два месеци кога испадна од Топ 5. Амазон е во групата од јануари 2017 година.

Тесла имаше серија од 13 месеци во првите пет, но моментално е на 10-та позиција, со оглед на падот на цената од 20 отсто од почетокот на оваа година. Од друга страна, Нвидија ја зголеми својата вредност за дополнителни 47 проценти само во 2024 година, а од првата половина на минатата година е во групата на пет највредни компании.

Импресивен принос

Во анализа, компанијата за управување со средства Евелин Партнерс истакна дека акциите на Велиствените 7 во текот на 2023 година донесоа импресивни 107 проценти принос. Така, тие значително го надминаа индексот на американските акции MSCI, кој донесе солиден принос од 27 отсто. Даниел Касали, главен инвестициски аналитичар на компанијата смета дека има знаци дека во текот на оваа година, другите американски акции надвор од Величествените 7 ќе бидат интересни за инвеститорите.

„И покрај зголемените каматни стапки, приходите од продажба и профитот на компаниите се покажаа отпорни. Ова може да се објасни со подисциплинирана контрола на трошоците од страна на компаниите и високото ниво на заштеди на домаќинствата акумулирани за време на пандемијата. Дополнително, американскиот пазар на труд е во добра состојба со дополнителни три милиони работни места отворени во текот на 2023 година“, посочува Касали.

Друга причина е подобреното ниво на маржи, што покажува дека компаниите го пренеле влијанието на инфлацијата на крајните клиенти.

„Иако платите се зголемени, тие не се држат во чекор со растот на цените“, вели Касали.