Велешани претстојното лето ќе имаат доволни количества на вода за пиење од ХС „Лисиче“

Жителите на Велес и околните населени места кои со вода за пиење се снабдуваат преку Хидросистемот„Лисиче“ ќе имаат доволно количества на вода во претстојното лето,но и до крајот на годинава. Моментално максималната кота на езерото „Лисиче“ е 421,01 метри надморска височина, кои пресметано во акумулација се 21 милион 209 илјади и 600 метри кубни метри, а годишните потреби на вода се околу 6 милиони метри кубни вода,информира за МИА, Ване Маневски директорот на ЈПВ „Лисиче“.
Дел од количествата на вода од езерото „Лисиче“ долж цевководот за водоснабдување кој e лоциран во населените места во Општина Чашка, воедно се искoристува и за наводнување на земјоделските култури и полињата во овој реон.
Маневски појаснува дека сегашната состојба е блиску максималната кота на водостој на езерото „Лисиче“ а која изнесува 423 метри надморска височина, со вкупна зафатнина од 23 милиони 347 илјади метри кубни.
Маневски потенцира дека за вака поволната состојба со вода во езерото „Лисиче“ кое е дел од Хидросистемот „Лисиче“ придонеле обилните врнежи од дожд особено во последниве два месеци однсно поволната хидролошка состојба на две реки Тополка и Врановска Река од кои се акумулира езерото „Лисиче“ со браната,а преку кое со квалитетна вода за пиење се снабдуваат жителите на Велес и околните населени места.
Инаку водата од езерото „Лисиче “ преу Хидросистемот „Лисиче“ односно цевководот се носи во Филтерстаницата или Фабриката за вода каде прочистена и со проверен квалитет се доставува до сите корисници во Велес и неколку населени места во околината на градот.