Вечерва ИК на СДСМ ќе решава за вклучувањето на Алијансата во Владата


Фото: Б. Грданоски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска по првиот панел од годишната конференција „Година на нови можности“, одговарајќи на новинарско прашање околу денешната средба со претседателот на Алијанса за Албанците Таравари информира дека ќе разговараат за политичките и програмските определби за идна можна соработка.

На средбата со Таравари, како што посочи, ќе се разговара за евроинтеграциите, за носење одлуки кои значат побрзо и поефикасно справување со енергетската криза, како и носење реформски закони.

Тој најави дека денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе одржи седница на Извршниот комитет на која ќе се разговара за актуелните прашања. 

Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари пред средбата со премиерот во Владата, изјави дека денеска за првпат ќе зборуваат за преговори со мнозинството во Владата.

-Ќе разговараме за синхронизација на нашата програма со нивната. Ако можеме ова да го синхронизираме ќе продолжиме во следна фаза на преговори, евентуално можеби и кадровски, изјави Таравари пред средбата со Ковачевски.

Според него, првата и најбитна точка е пакетот на Алијанса за борба против корупција и криминал и функционирањето на државата.

-За другите точки мислам дека е некоректно сега да зборувам пред да ги презентираме пред партиите од Владата, рече Таравари.