Вечерва Герасимовски на средба со дебармаалци – караванот „Се гледаме во маало“ продолжува

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги поканува сите жители на Центар вечерва (вторник) со почеток од 18:30 часот, во паркчето кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, да присуствуваат на уште една средба во рамки на караванот „Се гледаме во маало“.
„Центарци, Ве чекам денеска во 18.30 часот во Дебар Маало до спомен-клупата кај Горан Стефановски, заеднички да дискутираме за проектите што ги спроведуваме, но и да ги слушнеме вашите идеи за поубав Центар. Вашето мислење е важно – да поразговараме отворено за она што досега е направено, што е во тек и што може да се подобри. Сакам да градиме Центар по ваша мерка, со повеќе зеленило, уредени јавни простори и функционални решенија за сите генерации“, вели Герасимовски.
Овие непосредни маалски средби со граѓаните се одлична можност за размена на мислења, идеи и предлози, и претставуваат важен чекор во унапредувањето на комуникацијата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Караванот продолжува низ сите маала на Центар.
Вчеравечер Герасимовски беше на средба со жителите од Капиштец, каде информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“.
„Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.