Вечер на македонската поезија и изложба во КИЦ во Загреб

Во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, македонската Амбасада и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб во соработка со Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека организираат пригоден настан по повод јубилејот.
Во рамки на настанот ќе биде претставена работата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.
Настанот, како што информираат организаторите, ќе биде збогатен и со „Вечер на македонска поезија“, проект на издавачката куќа „Восток“ при што ќе бидат претставени современи македонски поети со цел запознавање на хрватската читателска публика со современите текови на македонската поезија. Авторите ќе читаат на македонски јазик, а на хрватски јазик нивната поезија ќе ја интерпретираат студенти од Лекторатот по македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.
Македонскиот културно-информативен центар во Загреб за овој настан подготви и репрезентативна пригодна изложба со наслов, „Македонска книжевна стерна“, на публикации поврзани со македонскиот јазик и неговата кодификација, како и публикации од авторите учесници на поетското читање.