Вечер на духовни и популарни песни на „Охридско лето“ со српскиот професионален хор „Свети Серафим Саров“


Во рамки на музичкиот дел од програмата на годинешното 65 издание на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва концерт на професионалниот хор „Св. Серафим Саров“ од Србија.

Хорот „Св. Серафим Саров“ е формиран во 1995 година во Зрењанин, на инцијатива на Душан Сланкаменац. Со помош на првата диригентка на хорот, Камелија Ќириќ, тогашниот ансамбл кој брои околу 20 хористи започнува со работа. Потоа, од него се издвојуваат машките гласови кои го основаат ансамблот „Машки октет Св. Серафим Саров“ кој пак следната година добива благослов од тогашниот епископ Хризостом и започнува со дејствување во црковната сфера, со седиште во храмот на „Св. Меланија Римјанка“ во Зрењанин каде до денес активно учествува во богослужбите.

Активната работа на ансамблот под раководство на тогашниот диригент проф. Владимир Првуловиќ го гради и проширува репертоарот на хорот, па се јавува и потребата црковниот амбиент понекогаш да се замени со концертен простор. Така, најпрво започнуваат со концертни одбележувања на денот на раѓање и канонизација на Серафим Саров (15 јануари и 1 август), кога пред публиката овој хор се претставува со внимателно избрана световна и духовна програма. Нивните активности продолжуваат да се зголемуваат, па така хорот започнува редовно да настапува низ цела Банатска, а и во околните епархии, на богослужби, но и на настапи на концерти не само во Зрењанин туку и во другите градови во Србија.

На натпреварот „Глас на Белград“ хорот е повеќекратно наградуван. Меѓународните настапи ги водат членовите на „Св. Серафим Саров“ во храмовите на Српската православна црква во Штутгарт, Лондон, Дерби, Копенхаген, Малме, Хелсингборг, Будимпешта, Виена, Клагенфурт, Инсбрук, Цирих, Салцбург, Грац, Темишвар, Дубровник, Требиње, Берлин, Сиднеј, Мелбурн и Москва – секогаш оставајќи силен впечаток на широката публика.

Денес хорот „Св. Серафим Саров“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.

За концертот е резевирана прекрасната акустика на црквата „Света Софија“ од 21 часот.