„Вечер на Чинго“ во село Велгошти кај Охрид


Во дворот на црквата „Света Петка“ во селото Велгошти кај Охрид вечерва ќе се одржи традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“ со културно-уметничка програма организирана во чест на ликот и делото на големиот охридски и македонски раскажувач и писател Живко Чинго.

Предвидено е во рамки на манифестацијата да биде положено цвеќе пред спомен-обележјето на Чинго, со пригодни обраќања на претставници на Општина Охрид.

Главен настан е врачувањето на наградата најдобар расказ „Живко Чинго“ на Јована Матевска Атанасова, романсиерка и рецензентка, авторката на расказот „Пура во Осака“ што е избран за најдобар на годинешниот конкурс.

Во рамки на манифестацијата ќе биде промовирано и делото „Книга за Чинго“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, а промотор ќе биде проф.д-р Виолета Ачкоска.

Живко Чинго е роден на денешен ден, 13 август во 1935 година токму во селото Велгошти. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, во „Млад борец“, во Радио-телевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник при Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Чинго се упокои на 11 август 1987 година.

Во македонската книжевност Чинго влегол кон крајот на педесетите години. Уште во своите први раскази, објавени во периодиката, тој го свртел кон себеси вниманието на книжевната јавност, а со појавата на првата збирка раскази „Пасквелија“ било јасно дека се работи за голем мајстор на расказот. Првата збирка раскази „Пасквелија“ издадена во 1961 година, била дочекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, тој ја објавил и втората книга раскази „Нова Пасквелија“ која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил романот за деца „Сребрени снегови“, а во 1971 година и својот втор роман „Големата вода“ по која е снимен и истоимениот долгометражен филм. Книгата раскази „Вљубен дух“ била објавена во 1976 година на српскохрватски јазик. Сите овие пет прозни дела го сочинуваат јадрото на неговото творештво и го потврдуваат Чинго како автор со својствен раскажувачки свет, исклучителен по својата оригиналност, едноставност, со својата поетичност и непосредност, со својата раскажувачка драматика. Неговото творештво е високо вреднувано од македонската и југословенската критика, а неговите дела се преведувани на српскохрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски.