Вчера ја најавија, денеска ја откажаа – бугарска комедија нема да се прикажува во Битола


 

БИТОЛА – Само еден ден по најавата дека бугарски комедијанти ќе гостуваат на сцената на Битолскиот народен театар, претставата „Вражалец“ се откажува, соопшти Битолскиот народен театар. Претставата најавена за 1 февруари како дел од репертоарот на драмскиот куклен театар „Иван Радоев“ од Плевен, беше помогната од финансиерот на бугарските клубови во државата Милен Врабевски, како и од Министерството за надворешни работи на Бугарија и Генералниот конзулат на Бугарија во Битола.

„Би сакале да ве известиме дека претставата ‘Вражалец’ која беше закажана на 1 февруари – гостувањето од Р. Бугарија на театарот ‘Мелпомена’ се откажува“, соопштија од БНТ, без да дадат детали кој ја откажува и зошто. Дали Битолскиот театар или пак гостите од Бугарија.  

Најавата за гостувањето на бугарските комедијанти во Битола на социјалните мрежи беше протолкувана како уште една провокација од страна на Бугарија.  

Посетата на дел од најпопуларните бугарски актери беше по иницијатива и финансирање на Бугарската фондација меморија и МНР на Република Бугарија и требаше да се одржи на 1 2 и 3 февруари во Битола, Штип и Струмица.

„Вчера попладне, за неколку минути, добивме две известувања од салите во Штип и Струмица за еднострано раскинување на договорите за настанот, поради технички проблеми кои настануваат на територијата на театрите поврзани со електричниот систем, кровната конструкција и греење кои не дозволуваат настан што ќе се одржи таму. Го контактиравме и Битолскиот театар, од каде не добивме експлицитно позитивен одговор дека претставата може да се одржи според планираното. Значи, за жал, продукцијата ‘Вражалец’ не може во оваа фаза да ја посети Македонија“, велат од фондацијата „Бугарска памет“.

Како што објавивме вчера на неколку места низ Битола имаше залепено плакати преку кои се информираа и повикуваа граѓаните да ја проследат театарската комедија „Вражалец“ за што влезот беше бесплатен .

Претставници од фондацијата на Врабевски во Битола кажаа дека гостувањето на театарската комедија била закажана уште пред три месеци а не сега во овој чувствителен момент во односите меѓу двете држави. Како и тоа дека одигрувањето на претставата е чин на зближување меѓу двата народа. (А.Б.)