Васил Хаџиманов пред концертот во Скопје: Уживав во снимањето на „Кејф“
Васил Хаџиманов, синот на Зафир Хаџиманов, надарен на татко му како врвен музичар, кој го носи името на дедо му Васил Хаџиманов (еден од најголемите македонски етномузиколози), денес, во Скопје, го најави осмиот студиски албум со наслов „Кејф“ , пред концертот на 12 април во МНТ.
Албумот на еден од највлијателните џез-фјужн состави на Балканот, Васил Хаџиманов бенд, е издаден во дигитален и CD формат од страна на хрватската издавачка куќа Croatia Records и содржи девет песни продуцирани од Васил Хаџиманов, Марко Периќ и Тони Китановски.
Оваа исклучителна група на музичари веќе долги години ја воодушевува публиката низ светот со својот единствен звук и енергија, а нејзиниот нов албум повторно носи интересни музички гости, иновативни аранжмани, автентична звучна естетика и, како и досега, креативни експерименти со различни музички стилови и ритми.
Музичките нумери како насловната „Keyf“, но и „Gypsy“, „Afghan Samba“, „Helidoro’s Recipe“, „Mente Pura“, ќе ги потсетат сите љубители на добрата музика на тоа зошто „Васил Хаџиманов бенд“ својата музика ја изведува на сцените низ светот и зошто токму неговата музика во Србија е прогласена за уметничко дело со национална вредност.
Хаџиманов, воедно и пијанист, композитор, аранжер и педагог, на денешната прес-конференција истакна дека уживал додека го снимале албумот и дека е задоволен како испаднал.
„Комбинирањето балкански традиционален, народен ритам и западен, модерен стил на музика (џез, фанк, рок, прогресивна, светска музика…) е целосно автентична во нашата музика и е единствен пристап кон џез-музиката“, истакна денес, Хаџиманов.
Освен на продуцентите, Васил денес упати и посебна благодарност до сите оние прекрасни луѓе кои направија да се случи овој албум:
– специјалните гости Марта Хаџиманов, Љубомир Милановиќ, Александар Петров, Газменд Бериша и повторно Тони Китановски.
– новите членови на бендот Растко Обрадовиќ и Ратко Даутовски, кои ќе го изведуваат овој материјал, заедно со Мирослав Товирец и Виктор Филиповски и, секако, со Васил Хаџиманов.
Васил Хаџиманов е горд и на својата улога како педагог. Долги години беше гостин-професор на Штипскиот универзитет на одделот за џез-музика, а сега е вонреден професор во Нови Сад, каде предава џез музика и импровизации на студенти по класична музика.
„Тоа е прв случај во Србија, ама јас сум задоволен , а и моите студенти“, истакна денес тој.
Се уште во сеќавање ни е концертот во чест на Зафир Хаџиманов, лани, во Филхармонија, во организација на „Авалон“ која на сцената собра познати гости како Бисера Велетанлиќ, Калиопи, Коле Ангеловски, Никола Ристановски, Сашо Гигов – Гиш, Марта Хаџиманов и Виктор Тумбас кои не потсетија на неговиот неповторлив музички опус.
Актерот Никола Ристановски, го видовме во поинакво светло, како пејач, на првата песна на Зафир со која победил на фестивали „Човек како јас“ и со новата чудо песна „Камен“ со последниот текст од Зафир, на музика на неговиот син Васил Хаџиманов.