Вашингтон работи со Софија да нема нови услови за Македонија

Американската администрација работи со новата бугарска влада да нема дополнителни услови за Македонија во преговорите со ЕУ. Ова го изјави специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во синоќешната дебата за Западен Балкан во Конгресот на САД.
Во презентирањето на извештајот за ангажманот на САД на Балканот, тој рече.
„За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори“.
Според Ескобар, со евроатланската интеграција на Македонија ќе се намали влијанието на „штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери“.
Извештајот кој тој го презентираше ја спомнува и ситуацијата на Косово. Се вели дека ЗСО на Косово мора да се формира, а и Србија и Косово мора да ги исполнат своите обврски што побрзо.
„Косово мора да формира ЗСО што ќе ги зајакне општините со заеднички интереси, јазик и култура да се координираат за заедничките предизвици во обезбедувањето на некои јавни услуги, вклучително образованието, здравствената заштита и локалниот економски развој“, рече Ескобар.
Тој ги спомна и обврските на Србија согласно Охридскиот договор.
„Србија мора да го признае интегритетот на Косово, симболите, пасошите, личните карти и да не го блокира Косово во ниту една меѓународна организација“.
На прашањето какви чекори треба да преземе Курти кон деескалација и како да се отстранат американските санкции, тој рече дека се работи за последици, а не за санкции.
„Во интерес на Косово е да сфатат дека мора да ги слушаат европските совети, ние ќе им помогнеме да го разберат тоа“, рече Ескобар.
Американскиот пратеник во излагањето се осврна и на ситуацијата во Босна и Херцеговина. Тој рече дека САД ќе ги искористат сите средства за да го спречат претседателот на Република Српска Милорад Додик, да ја отцепи Република Српска од БиХ.