Васало: Да учествуваше во расправи како овие за бугарските културни центри, ЕУ немаше да постои
Опозицијата треба да преземе одговорност за своите акции околу евроинтеграцијата на Македонија, рече заменик-шефот на мисијата на ЕУ

Заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Џулијан Васало, изјави денес дека е срамота што има пари наменети за земјава, но поради немањето капацитет за апсорпција, не се целосно искористени. Претставувајќи ги фазите од преговарачкиот процес со ЕУ, тој рече дека помошта за земјата ќе продолжи преку ИПА 3 пакетот и дека на располагање ќе има и други финансиски инструменти на Унијата, но не прецизираше колку со преговорите би растела и помошта на ЕУ. Ден претходно во интервју за Телма, претседателот на државата Стево Пендаровски, пак, тврдеше обратно – дека милијардите што спектакуларно ни ги најавуваше Брисел како инвестиции не дошле во земјата, барајќи конкретни акции, а не реторика.
Генерално, околу преговарачкиот процес, Васало оцени дека Македонија веќе има прогрес во одредени области и дека 27 отсто од нашето законодавство е хармонизирано со тоа на Европската унија, при што најмногу прогрес има во делот на фундаменталните права (34 отсто), а најмалку во надворешната политика (5,6 отсто). Според него, сепак како дел од скрининг процесот Македонија ќе биде прашана не само дали ја усогласила и колку регулативата, туку и колку од тоа се имплементира во земјата.
„Земјата не стартува од нула. Владата ја зацрта 2030 година како датум кога ќе сака да биде подготвена за прием во Унијата“, рече Васало додавајќи дека цел треба да ни биде да ги стигнеме Србија и Црна Гора, кои одамна преговараат за членство, нешто што, според него, со политичка волја низ сегашниот спектар на партии е реалистичен изглед.
Тој повтори дека на крајот на 2023 година треба да заврши скрининг процесот, по што ЕУ ќе реши дали да ги отвори преговорите за кластерите или за некои од нив ќе постави посебни услови, т.н. „бенчмаркси за отворање“ без чие исполнување нема да се оди напред во тие кластери.
Во текот на билатералната фаза на скринингот ЕК ќе прашува, а Владата треба да одговори какви закони има во секоја сфера и колку навистина се имплементираат, рече тој, посочувајќи дека ако сакаме 2030 година навистина да бидеме подготвени за Унијата, Владата треба таа цел да ја претвори во реален план. За тие области за кои ќе утврдиме дека не сме подготвени владата ќе треба да побара „времено исклучување“, односно пролонгиранн рок за да се имплементираат промените, бидејќи како што рече, ЕУ нема интерес некои од нашите индустрии да колабираат по приемот во заедничкиот пазар. Од друга страна пак, за некои програми во текот на преговорите може да побараме забрзано вклучување, а во сите области од кластерите ќе биде вклучена борбата против корупцијата.
За уставните промени што се бараат за вклучување на Бугарите покрај другите малцинства тој рече дека е суверена одлука на земјата, но дека со нив нема да се смени нешто фундаментално во земјата, бидејќи грижата за малцинствата веќе е дел од нашиот устав.
„Ние сме во контакт и со опозицијата и таа продолжува да ја поддржува евроинтеграцијата на земјата, така што треба да преземе одговорност за своите акции“, рече Васало околу дилемата како ќе се убеди ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржи уставните промени.
Тој не најави фиксен датум кога ќе се потпише договорот за ФРОНТЕКС кој чека кај нас како потврда дека тврдењата на ЕУ за македонскиот јазик како решено прашање се реалност. Според него, тој ќе биде потпишан во текот на наредните недели бидејќи некои делови мораат да се обноват, но нагласи дека веќе сега целиот скрининг се прави на англиски и на македонски јазик. Тој додаде притоа дека потпишувањето на Договорот ќе биде важен момент поради две причини – првата соработката и учеството во механизмите на ЕУ додека сме земја кандидатка која преговара за членство, а вториот, тоа што уште еднаш ќе стане јасен фактот дека македонскиот јазик е јазик на Северна Македонија, без појаснувања и фусноти.
На забелешката дека провокациите на Бугарија со културните клубови практично се провокации од Европската унија, бидејќи е земја членка, тој рече дека двете земји меѓусебно ги решаваат тие прашања, а ЕУ не е дел од тој процес, забележувајќи дека да учествувала ЕУ во такви расправи, сега воопшто немаше ни да постои. (С.Ј.)