Вартоломеј отвора врати за статусот на МПЦ-ОА?


Вселенскиот патријарх Вартоломеј итро ја подотвора вратата за решавање на македонското црковно прашање. Вака верските аналитичари ги оценуваат последните, како што велат, охрабрувачки сигнали што Вартоломеј ги испраќа во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, каде што детално ја објаснува одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ даде автокефалност на Украинската црква, блиските односи со Бугарската православна црква и барањето на МПЦ-ОА за автокефалност.

Вартоломеј, меѓу другото, потврдува дека го добил барањето на поглаварот на македонската црква г.г. Стефан и додава дека „во духот на љубовта и единството го разгледуваме барањето на црквата во Северна Македонија“. Тој нагласува дека секој случај е единствен и така се разгледува.

„Вартоломеј очигледно ни малку не се колеба околу признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква. Тој не покажува никакви резерви околу тоа дали тоа е вистински потег, со оглед на острите осуди од Руската православна црква ниту, пак, навестува дека евентуално може да попушти“, вели аналитичарот Бранко Ѓорѓевски.

Она што е посебно важно, според Ѓорѓевски, е што Вартоломеј постојано нагласува дека во однос на тоа дали е потребен консензус помеѓу помесните православни цркви за објавување на автокефалија, Вселенската патријаршија врз основа на светите канони ја има на себе одговорноста да додели томос за автокефалија на сите новосоздадени цркви, било со статус на архиепископија, или со статус на патријаршија, без разгледување и учество на другите цркви.

„Сè до признавањето на Украинската православна црква се сметаше дека функционира правилото на консензуално одлучување. Вартоломеј сега практично го погреба тој принцип и Вселенската патријаршија, без оглед дали некој од православните цркви се согласува или не, на крајот пресекува која црква ќе добие автокефалност. Тоа укажува на можноста Вселенската патријаршија самостојно да одлучи и во однос на прашањето со МПЦ-ОА“, оценува тој.

Минатата недела по подолго време српските владици решија да го обноват дијалогот со Македонската православна црква. Српските медиуми деновиве пишуваат дека се во тек интензивни подготовки за стратегија за почеток на замрзнатиот дијалог меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. Тамошната јавност се подготвува за тоа СПЦ да биде клучниот решавач на проблемот со македонското црковно прашање. Во МПЦ-ОА, пак, чекаат прво да добијат официјално известување, па потоа да ја стават таа точка на разгледување на седница на Синодот.

Српската црква имаше еден услов за да се иницира обновување на дијалогот – пуштање на слобода на охридскиот архиепископ Јован Вранишковски. Тоа се случи во 2015 година, но ситуацијата остана статус-кво. Според информациите Вранишковски учествувал и на последната, како и на неколку претходни седници на Саборот на СПЦ, заедно со владиците на Православната охридска архиепископија, која е под закрила на српската црква. Ваквото ретерирање на СПЦ доаѓа веднаш по одлуката на Вселенската патријаршија да почне да го разгледува барањето на МПЦ-ОА и на македонската Влада за решавање на нејзиниот статус.

Минатата недела, пак, вселенскиот патријарх Вартоломеј имаше средба со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, во Атина. Интересно е што за време на посетата Вартоломеј имал средба и со американскиот амбасадор во Грција.

„Индикативно е што токму во овој момент Вартоломеј се среќава со архиепископот на Грчката православна црква, Јеронимос. Одредени грчки владици беа против Преспанскиот договор, но како синод немаа таков официјален контрастав. Подолг период односите меѓу ГПЦ и Вселенската патријаршија се движеа на линија топло-ладно. Иако нема детали од средбата, може да се претпостави дека е разговарано и за македонското црковно прашање. ГПЦ не го соопшти својот став околу автокефалноста на Украинската православна црква. Тогаш беше воздржана. Затоа на патријархот Вартоломеј му е значајно мислењето на Грчката црква, нејзините ставови и реакции по клучни прашања, вклучувајќи го и македонското црковно прашање“, вели Ѓорѓевски. (Н.К.)