Вархеи порачува да продолжиме да бараме решение со Бугарија
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, на барање на „Независен“ ја објасни позицијата на еврокомесарот Оливер Вархеи околу ветото на Бугарија и тврдењето на „Политико“ деновиве дека за ова прашање е многу тивок.
„Ги охрабруваме двете страни да ги продолжат напорите да најдат решение за отворените билатерални прашања. Се надеваме дека наскоро може да се постигне договор за преговарачката рамка, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција што е можно поскоро. Еврокомесарот е во контакт со претседателството на ЕУ и со двете страни како поддршка за изнаоѓање на решението.
Во март 2020 година Советот одлучи да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија. Официјалното отворање на пристапните преговори е клучен приоритет за ЕУ и за Северна Македонија, како што се потсети за време на Самитот во Загреб. Исто така, ве упатуваме на забелешките на еврокомесарот за ова прашање на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент оваа недела“, порача Писонеро.