Вархеи бара заеднички прифатливи решенија со Бугарија


Последната година и пол се соочивме со непринциелни и бирократски позиции кои не можат да бидат камен за сопнување за напредокот на Македонија. Да бидам кристално јасен, ние никогаш нема да си дозволиме да расправаме за нешто што не е за расправање, а тоа е кои сме ние, каков е нашиот идентитет  и каков јазик зборуваме – му одговори Заев на Вархеи

 

Слободанка Јовановска

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на Економскиот форум во Тирана го издигна на ниво на нов услов билатералниот спор со Софија, порачувајќи дека  Македонија за него треба да најде „заеднички прифатливи решенија со Бугарија“. Тој денеска рече дека ЕУ ветила оти целиот Западен Балкан ќе биде дел од Унијата, но пропуштила да одговори позитивно кога земјите одговориле на барањата за реформи. 

Сепак, тој се надева дека првата меѓувладина конференција за Македонија и за Албанија, која според него сега ги исполнува условите, ќе се одржи што поскоро и за време на португалското претседателство. ЕК, рече Вархеи, смета дека сите услови да се организира меѓувладината конференција со Албанија се исполнети, додека за Македонија порача дека го одржува темпото на реформите, но важно е да најде брзо решение за спорот.

Според него, успехот на проширувањето во наредниот период ќе зависи и од нов параметар – колку ќе се успее во опоравувањето од последиците од пандемијата со Ковид-19.

Тој уверуваше дека Западниот Балкан сѐ уште е приоритет на ЕУ и дека се надева оти блокадата што се случи во декември е привремена, а не трајна, но за тоа да се случи потребна е, според него, и соработка на земјите од Западен Балкан.

„Јас не би го ставал под прашалник, поради овој застој, целиот процес на проширувањето“, рече Вархеи.

Плановите на еврокомесарот

Тој вети дека ќе го олеснува тој процес опишувајќи се себеси како политичар кој не сака многу да зборува туку да работи, порачувајќи истовремено до земјите кандидати за членки да ветуваат малку а да остваруваат многу. Тој најави, исто така, дека во ЕУ се планира вклучување на земјите од Западниот Балкан во одредени сектори од заедничкиот европски пазар дури и пред да станат членки на Унијата. Попрецизно Вархеи порача:  

„Можеби ја знаете (хебрејската) поговорка која вели: Ветувајте малку и правете многу. Како што ме знаете, јас не сум човек од зборови, туку повеќе човек од акција. Во минатото, честопати се соочувавме со предизвици од сите страни, што го поткопуваше кредибилитетот на нашите ветувања. Реформите честопати се одвиваа бавно, поради што некои од земјите-членки на ЕУ се сомневаат во трансформативната моќ на процесот на проширување и не се согласуваат да го унапредат. Од друга страна, премногу често ЕУ не успеваше да одговори позитивно со единствен глас кога партнерите ги исполнија обврските за реформите.

Новата методологија веќе се рефлектира во нацрт-рамките за преговори за Албанија и Северна Македонија. Земјите-членки сè уште не постигнале договор за нив и дискусиите продолжуваат во Советот. Ние ги поддржуваме тие напори. Се надевам дека првите меѓувладини конференции ќе можат да се свикаат што е можно поскоро под португалското претседателство.

Комисијата смета дека сега се исполнети сите услови за одржување на првата меѓувладина конференција за преговори за пристапување кон ЕУ со Албанија. Ова е благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеењето на правото и правосудниот систем, вклучително и проверката на судиите и обвинителите, што Комисијата внимателно ги следи.

Северна Македонија одржува стабилно темпо во спроведувањето на реформите во ЕУ, особено во областа на основите. Важно е брзо да се најдат взаемно прифатливи решенија за нерешените билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Накратко, долгоочекуваните ветувања можеме да ги исполниме само заедно. Работиме напорно за да ги забрзаме работите за да може ЕУ да го исполни ветувањето, но вие треба да ги исполните своите. Внесувањето на Западен Балкан во ЕУ е наш врвен приоритет и наш најдобар интерес. Пандемијата на Ковид-19 покажа колку сме многу поврзани. Европската унија стоеше покрај регионот од самиот почеток и се однесуваше кон партнерите како идни земји-членки.

Во моментов, нашиот фокус е да обезбедиме вакцини во регионот што е можно поскоро. Го разбирам разочарувањето што ова се покажува потешко отколку што се надевавме. Сепак, ги истражуваме сите опции за да помогнеме, користејќи пакет од 70 милиони евра што го усвоивме во декември за оваа намена. Регионот исто така ќе прими голем број вакцини преку механизмот Ковакс, во кој ЕУ е еден од најголемите донатори. Во меѓувреме, ние го поддржуваме регионот да подготви сè за вакцинирањето. Ние ги финансираме СЗО и Европскиот центар за превенција и контрола на болести за да помогнат, исто така, да се изгради потребната инфраструктура за кампањите за вакцинација и да се помогне во консолидирање на здравствените системи.

Паралелно со ова, ние продолжуваме да обезбедуваме поддршка за социо-економското закрепнување на целиот регион. Не само со првичниот пакет од 3,3 милијарди евра усвоен минатата пролет, туку и со Економскиот и инвестицискиот план усвоен минатата есен.Неговите приоритети беа дефинирани со владите во регионот и јас ќе ве охрабрам да ги искористите најдобро средствата од 9 милијарди евра што ги издвоивме за вас. ЕУ никогаш порано не вложила толку многу пари во инвестиции во транспорт и енергетска инфраструктура, зелена и дигитална транзиција и развој на приватниот сектор како што направи оваа Комисија. Преку ова, како и со европските компании кои бараат идни инвестиции и блиски можности во вашиот регион, можеме да ги забрзаме конвергенцијата и целокупниот процес на пристапување. Зајакнување на потенцијалот за раст на вашите локални деловни активности и подобрување на животот на граѓаните и особено на младите е наша заедничка цел.

Како дел од Економскиот инвестициски план, ние исто така разгледуваме начини за сè поблиско интегрирање на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Ова значи дека во одредени сектори би сакале да видиме како Западен Балкан учествува во политиките на ЕУ дури и пред официјалното пристапување. Јас би ве охрабрил да работите со Комисијата во идентификување области каде тоа е можно. Заеднички регионален пазар од 18 милиони луѓе заснован на правилата на ЕУ би бил вистински менувач на играта.

Зборуваме тука за конкретна акција што ќе им го олесни животот на деловните субјекти, како што се отстранување на работни дозволи, слободно движење на лица со лични карти, намалување на банкарски такси за плаќања во регионот, отстранување на непотребни уверенија за усогласеност за веќе проверена стока. Сето ова е клучно за да се зголеми привлечноста на регионот за инвеститорите и тоа ќе ја олесни интеграцијата на единствениот пазар на ЕУ. Се надевам дека ќе видиме многу исполнувања кога регионот ќе се собере на следниот самит.

Дозволете ми да го завршам говорот со (албанска) поговорка што се обидувам да ја исполнам секој ден: ‘Нека твоите постапки бидат еднакви на твоите ветувања’.
Ветувам дека ќе направам сѐ што можам за да ви помогнам да напредувате во процесот на пристапување и да започнете со затворање на економскиот јаз на регионот со ЕУ. И сметам на вас и вие да ги исполните ветувањата“, рече Вархеи.

Одговорот на Заев до Вархеи

На Форумот учествуваше и премиерот Зоран Заев кој нагласи дека, иако Македонија беше првата земја во регионот што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација, по 16 години сѐ уште сме во соба за чекање и тоа го соочува со потребата да носи тешки одлуки. Тој го спомна решавањето на спорот со Грција кое било направено во добрососедски дух, нагласувајќи потоа дека последната година и пол се соочивме со непринциелни и бирократски позиции кои не можат да бидат камен за сопнување за напредокот на Македонија. „Да бидам кристално јасен“, му порача Заев на Вархеји, „ние никогаш нема да си дозволиме да расправаме за нешто што не е за расправање, а тоа е кои сме ние, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“.

Заев нагласи дека негова задача е да работи во најдобриот интерес на своите граѓани.

„Исправени сме и пред предизвици кои ретроградните сили на целиот континент ги наметнуваат неевропските вредности, постојано девалвирајќи ги цивилизациските придобивки чии темели ги поставија Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Во вакви моменти и во моменти кога дневната политика ги поткопува основните вредности треба да си го поставиме прашањето: Што ако пред точно 70 години погледот беше свртен кон разурнатиот континент, а не кон иднината која денес ја живееме“, рече Заев.

Мојата земја, истакна премиерот, била, е и ќе биде крстосница на многу цивилизации, на многу етиникуми и на многу културолошки вмрежувања кои го оставаат најдоброто од себе за идните генерации кои го градат својот живот тука, дома.

„За жал, овој мал балансиран политички екосистем кој сме го создале низ вековите, е ранлив. Ранлив е затоа што граѓаните не може да продолжат да живеат само од идеја. Потребна е и храбра политичка акција. Потребно е повеќе од секогаш покажување визија, храброст и одлучност во носењето на одлуките кои го стабилизираат континентот. Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа“, подвлече Заев.