Вархеји: Ако Советот сака да го оствари проширувањето, тоа е добредојдена вест


Фото: Б. Грданоски

ТОЛЕДО – Европскиот комесар за соседство и проширување, Оливер Вархеји, денеска реагираше на предлогот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ЕУ и земјите кандидати да бидат подготвени за проширување до 2030 година.

„Ако ова е порака од Советот, дека Советот сака конечно да се вклучи и да направи голем скок за да се случи проширувањето, ова е добредојдена вест“, рече Вархеји пред новинарите во Толедо, каде што учествува на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ (Гимних).

Тој додаде дека Комисијата отсекогаш била подготвена да даде секој предлог што би довел до таму.

„Не мислам дека станува збор за датуми. Мислам дека тоа е повеќе прашање на волја, а исто така и прашање на испорачување, од страната на ЕУ, но и од нашите партнерски земји од Западен Балкан или другите три земји кандидати“, рече комесарот.

Вархеји потсети дека Комисијата е подготвена да даде каков било предлог за да стигне таму, што ќе се види веќе во октомври кога ќе даде суштински предлози вклучувајќи го и Планот за раст, кој претседателката Урсула фон дер Лајен веќе го објасни во Братислава.

„Тој ќе ја забрза не само институционалната, туку и вистинската интеграција. Вистинската интеграција на луѓето и економиите во Европската унија“, рече Вархеји.

На прашањето што треба да види од страната на Советот за тој датум од 2030 година да стане реалност, комесарот рече дека Советот треба „да ги турка напред сите предлози што ги даваме и да ја донесе секоја одлука што можеме да ја донесеме – колку и да е мала, колку и да е голема“.

„Така, на пример, донесување одлуки за меѓувладините конференции, донесување одлуки за финансирање, донесување одлуки за вистинска интеграција во Европската унија веќе пред пристапувањето“, наброи тој.