Вархеи не се откажува, пак ќе оди во Софија


Оливер Вархеи

 

Еврокесарот за проширување, Оливер Вархеи, по вчерашните интензивни разговори во Софија најави дека ЕУ не се откажува од планот во јуни да почнат првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија и дека за три недели повторно ќе дојде во главниот град на Бугарија. Очигледно, главната пречка сега останува само Софија, а не и забелешките на Скопје.

Тој вчера разговараше со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и по заминувањето соопшти дека очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.

Вархеји на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.

„Интензивна средба со министерката Теодора Генчовска во Софија. Разговаравме за директните последици од војната во Украина за Западен Балкан и пошироко. Работиме на заемно прифатливо решение за да можеме да ги започнеме преговорите со РС Македонија и Албанија со одржување на меѓувладина конференција во јуни. Го ценам отворениот дијалог со бугарскиот претседател Румен Радев. Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно. За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички основа и поддршка од Бугарија, за да го започнеме преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“, напиша Вархеи.