Вархеи до Петков: Сакаме договор до јуни
„Сакам да појаснам дека Бугарија има три јасни барања по прашањето на PCM. Почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот парламент, вклучување на Бугарите во уставот на РСМ за да се заштитат нивните права и трето, да се спроведе договорот за добрососедство. Едноставно и јасно“.
Ова го изјави премиерот Кирил Петков по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, негирајќи на стартот дека земјата има две надворешни политики и барања што не може да ги разбере никој.
На тоа Вархеи заклучи дека сѐ уште нема решение за спорот и дека тоа е многу фрустрирачко за ЕУ, бидејќи не може да продолжи со пристапниот процес.
„Сè уште ја чекам поддршката од Бугарија и работиме на тоа сите овие разговори што ги водам овде во Софија, а редовно и во Скопје, конечно да ја разјаснат и зајакнат европската перспектива за РСМ. Би сакале да видиме договорот да биде постигнат во јуни, затоа утрово се среќавам со премиерот и со министерот за надворешни работи, а ќе се сретнам и со претседателот“, додаде Вархеи.