Вархеи до опозицијата: Палењето документи во Собранието беше преминување на црвената линија

„Постојат јасни граници за цивилизираната политика, а моја проценка е дека многу од тие црвени линии беа преминати од опозицијата во Македонија“, оцени денеска Вархеи


Т

 

Ова е момент за отрезнување за Македонија, но и за опозицијата. „Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“, изјави денеска еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во интервју за „Еурактив“. Вархеи вели дека „волјата за проширување се враќа, ние сме подготвени да се движиме брзо“.

„Еурактив“ пишува дека условот за промена на Уставот и вклучувањето на бугарската етничка заедница во него ја „поттикна националистичката опозиција да организира денови на протести во Скопје, за кои Вархеи рече дека ги преминува основните демократски црвени линии“.

„За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарната сала, туркањето на луѓето кон насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета“, рече Вархеи.

Според него, „постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја проценка е дека многу од тие црвени линии беа преминати од опозицијата“, додаде тој.

Запрашан дали ќе види каков било ризик од понатамошни задржувања надолу, Вархеи рече дека целта е да се создадат „јасни, праведни и транспарентни критериуми кои исто така се податливи и кои навистина можат да го променат негативизмот на двете страни“.

Минатата недела во Брисел, кога почнаа преговорите на Македонија со ЕУ, Вархеи ја повика опозицијата да го докаже тоа што го тврдела досега – дека го поддржува евроинтегративниот пат на Македонија. 

„Уставните промени  мора да се случат и се надевам дека сите политички партии, вклучително и опозицијата, ќе работат на европската иднина и нема да почнат со контроверзии и нема да ги загреваат емоциите. Емоции кои нема да ја носат земјата напред. Емоции кои нема да решат ништо значајно за земјата. Затоа ја повикувам опозицијата, иако видовме дека политичката пристојност и европски вредности беа заобиколени во дебатата. Но, се надевам дека со оваа одлука денеска ќе ја свртиме страницата и ќе го направиме она што е потребно за Северна Македонија брзо да стане членка на ЕУ. На сите средби што ги имав со нив досега тие тврдеа дека се посветени на европската иднина на земјата. Па, нека го докажат тоа!“, рече Вархеи. 

На овие зборови на Вархеи возврати лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека ако тоа биле европски вредности тој не ги споделувал. „Македонија и македонскиот народ премногу дадоа за тие европски вредности. Насила ни беше сменето знамето, насила ни беше наметната времената референца за името, добивме случај во Хаг, но и тој насила ни беше поништен под изговор дека тоа е меѓународно право и појаките имаат поголемо право. Потоа насила ни беше променет Уставот, насила ни беше променето уставното име, насила сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет и ако сите овие се европски вредности, простете но јас не сакам да ги споделувам“, рече Мицкоски.

Интервјуто на Оливер Вархеи за „Еурактив“ излезе по денешната средба на Мицкоски и Александар Николоски во Будимпешта со патронот на еврокомесарот, унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Скринингот веќе почна, вели Вархеи

Во исто време, Вархеи во разговорот за „Еурактив“посочи дека „Албанија покажа вистинска солидарност со Северна Македонија и зрелост во разбирањето дека нашите земји-членки сакаат двете земји да одат напред“, но рече дека Албанија сега може да продолжи сама.

„Целиот процес на проширување се заснова на заслуги, а сега трката е во тек, кој и да испорача прв, треба да има право да се приклучи прв“, појасни Вархеји.

 „Она што е важно е дека ако тие испорачуваат брзо, ние сме подготвени да се движиме брзо, (…) и бидејќи сега сме одговорни, конечно, брзината ќе биде многу, многу поразлична“, рече тој, додавајќи дека Комисијата го почнала скринин процесот веднаш откако земјите-членки дадоа зелено светло минатата недела. Овие зборови на Вархеи дека скрининг процесот почнал уште минатата недела се сосем спротивни на она што го тврди Мицкоски и другите челници на опозицијата.

Вархеи во интервјуто зборува дека војната на Русија против Украина ја отрезнила дебатата околу процесот на проширување на ЕУ и ја покажал потребата за забрзување на процедурите, суштински запрени од претходната Комисија. Кандидатскиот статус на Украина и Молдавија како сигнал за солидарност како одговор на руската агресија и зеленото светло за почетокот на долго одложуваните пристапни преговори со Македонија и Албанија е „можеби единственото позитивно влијание на руската војна во Украина бидејќи ја отрезни дискусијата околу проширувањето, како и капацитетот за апсорпција на ЕУ“, рече Вархеји.

„Ние Европејците, сега не само што сфаќаме, туку сме подготвени да го исполниме тоа, дека Европа нема да ужива безбедност, стабилност и просперитет без Западен Балкан да биде целосно интегриран“, рече тој.

Во последниве години, имаше мал апетит за проширување во рамките на ЕУ, а некои земји-членки повикаа на реформи во ЕУ пред да примат нови членки.

„Не заборавајте, ја презедовме функцијата од Европската комисија која рече ‘нема проширување’ – штетата беше направена таму“, рече Вархеи, додавајќи дека кон втората половина од нејзиниот мандат, Комисијата на Јункер „сфати дека тоа е стратешка грешка“.

„Она што го очекувам сега, и она што ќе биде огромна одговорност за Европската комисија, е дека сега постои јасна политичка волја, која не беше секогаш очигледна“.

Запрашан за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за европска политичка заедница, која ќе ги зајакне врските на блокот со земјите кои не се членки на ЕУ во неговото блиско соседство, Вархеи рече само дека тоа „може да додаде уште еден слој“.

Србија прави мали чекори

На прашањето дали ЕУ би била заинтересирана за забрзување на пристапните преговори со Белград, Вархеи рече дека Србија отсекогаш имала многу посебни односи со Русија.

„Она што го гледаме во Србија е дека тие се во многу тешка ситуација поради ранливоста кога станува збор за снабдувањето со енергија и поради нерасчистената безбедносна рамка“, рече Вархеи и посочи дека земјата е речиси целосно зависна од рускиот гас и дека нејзината водечка енергетска компанија во мнозинска руска сопственост.

„Сакаме Србија да ни биде сојузник, ни треба Србија да се солидаризира со нас, но мораме да ја разбереме и нејзината позиција кога бараме нешто од неа“, рече Вархељи.

Според него, Србија прави мали чекори и Брисел треба да ѝ дозволи да ги преземе овие чекори.

„Затоа што ако не го сториме тоа, тогаш ќе го добиеме токму спротивното од она што го сакаме“, рече Вархеи, навестувајќи дека отвореното пресилно притискање на Белград на одредени позиции носи ризик од губење на таа земја од ЕУ. Вархеи истакна дека многу членки на ЕУ сакаат да видат поголема солидарност од Белград. (Н.В.)