Вардар со втора победа над Загреб го потврди четвртфиналето во ЛШ
Ракометарите на Вардар изборија пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако вечерва и во реваншот во Скопје триумфираа над Загреб, овој пат со 32:30, полувреме 19:13.
Ова е шеста сезона по ред Вардар да се пласира меѓу осумте најдобри во Европа. Последен противник на „црвено-црните“ на патот до Ф4 турнирот во Келн ќе биде подобриот од пресметката ПИК Сегед и Висла Плоцк.
Во меѓусебните дуели на Вардар и ППД Загреб во ЕХФ Лигата на шампионите сега македонскиот првак има шест победи, едно реми и пет порази.
По долга пауза и операцијата на предните вкрстени лигаменти во тимот се врати и Сергеј Горбок.
Иван Чупиќ со девет и Тимур Дибиров со четири гола беа најефикасни во домашната екипа, Златко Хорват со 11 голови се истакна во хрватскиот тим.
Следен предизвик за Вардар е завршниот „фајнал фор“ турнир во СЕХА Газпром лигата што ќе се одржи во вторник и в среда во Брест, Белорусија.