Вардар по петти пат шампион во СЕХА лигата
Екипата на Вардар вечерва во Брест го совладаа ППД Загреб со 26-23 (14-12) во финалето на СЕХА лигата.
За „црвено-црните“ ова е петти трофеј во регионалната лига и трет по ред.
Хрватскиот тим отвори подобро, откако во 11 минута водеше со 7-3, но вардарци се соземаа и брзо ја вратија резултатската неизвесност. Тимот на Роберто Парондо рано остана и без Рожерио Мораеш, кој доби директен црвен картон уште во 17 минута. Агресивниот старт врз Алекс Влах му донесе исклучување од црногорските судии.
Вардар сепак на пет минути пред крајот поведе во резултатот, а на полувреме замина со плус 2 (14-12).
Првото полувреме сепак помина во сенка на повредата на Кристијан Дисингер. При еден дуел со противнички удар, вардаровиот ракометар падна со целата тежина на левата рака и комплетно ја свитка. Подолго време му се укажуваше помош, лекарите ја имобилизираа, но најверојатно се работи за скршеница.
Загреб го започна подобро и вториот дел и по пет минути изедначи на 14-14, но остана без Мандиќ кој заработи црвен картон. Кристопанс и Дибиров ја вратија предноста од два гола 14-16. Вардар во 50 минута ја имашеи најголемата разлика од +4 (22-18). Хрватите не се откажаа и ја бркаа предноста, па на две минути до крајот дојдоа до 23-24, но Дејан Милосављев ги откажа сите нивни намери.
Најефикасен кај Вардар беше Кристопанс со седум погодоци, Дибиров и Скубе постигнаа по пет, додека Милосављев имаше осум успешни интервенции. Кај Загреб, Мраковчиќ со четири гола беше најефикасен.
Мешков Брест пак го освои третото место. Во малото финале во Брест, домашната екипа беше подобра од Нексе Нашице со 19-24.
(Фото: rkvardar)