Ванковска се подигрува со Сиљановска: „Претседателка за по дома“
Ако вели дека е дете на партизани, зошто нема став за плановите за промена грбот, прашува професорката која беше претседателски кандидат

Професорката Билјана Ванковска, која беше кандидат за претседател на минатогодишните избори, го оценува досегашното работење на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова како промашување. Ванковска вели дека Сиљановска станале „претседателка за по дома“
„Откако ја искористија да нѐ претставува на онаа божемна мировна конференција за Украина во Швајцарија, нашата претседателка се повлече и стана вистинска британска кралица. Се занимава само со ‘претставување на државата дома’ и тоа главно на културно-уметнички-спортски настани. Кога читам постови ‘денес уживав, денес бев горда, денес бев среќна’ – не знам што да мислам.
Не дека мислам оти таа има некакви знаења од геополитика, но сепак, нели ја дели надлежноста во надворешната и безбедносната политика со владата? Таа нема став за геноцид, нема став за расцепот во Западот, нема став ни за мировниот план за Украина. Нема став за мултиполаризмот (темата на Минхенската конференција, патем)“, пишува Ванковска на Фејсбук.
Таа зборува и за политиките на претседателот Доналд Трамп:
„Не мислам дека македонскиот глас во НАТО има тежина (иако фомално имаме право дури и на вето), ама сега ќе дојде миг на шашардисаност: дали да се следи новиот шериф во градот или новиот Наполеон (заедно со кој и да дојде на власт во Берлин)? Нашето политичко водство подалеку од ЕУ и старите рефрени не знае ништо. Чека друг да ни донесе одлука, но кој и да ја донесе таа ќе значи: повеќе задолжувања за хранење на воено-индустрискиот комплекс, или оној на САД или оној на Европа“.
Во пост скриптим додава:
„P.S. Сега се сетив: има ли таа став за промената на државните симболи? Нели често споменува дека е дете на партизан? Во време на нејзин мандат, нејзината партија се пазари со грбот (кој бил, пазете, реликт од социјализмот – иако му ја симнаа претокраката!) – а таа ни збор. Ако грешам, се извинувам, пратете линк“.